Љупчо Палевски - Палчо
Љупчо Палевски - Палчо / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

МВР ќе истражува кои „правдољубиви луѓе“ му давале податоци на Палчо – Обвинителството се премисли

Министерството за внатрешни работи ќе истражува кои биле „правдољубивите луѓе“ што на Љупчо Палевски Палчо, првообвинет за свирепите убиства на малолетната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски, му доставиле податоци дека обвинетиот во истиот судски процес Боре Видевски има дозвола за пиштол од марката „чешка збројовка“, додека Скопското обвинителство тврди дека засега кај нив нема докази за „кртови“.

– Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди отвори предмет и се постапува по него – велат од МВР за „Слободен печат“.

Палчо пред Судот се брани со податоци што му ги доставиле од МВР, а преку неговите „настапи“ во Суд јавноста дознава детали и за исказите на другите обвинети – Велибор Манев, Влатко Кешишев, Боре Видевски и таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски. Изјавите ги дале во Обвинителството, поточно пред обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.

Тој завчера побара изземање на скопското обвинителство од предметот и ја обвини обвинителката дека направила кривично дело во истрагата, со тоа што не утврдила дали другите обвинети поседуваат оружје, а пронајдената чаура од местото каде што е убиен Жежовски не ја завела во списокот на докази.

– На пет члена на „Десна“, сите сведоци, јавната обвинителка им постави прашања дали виделе пиштол во мојата канцеларија, а во девет искази на ниту еден од обвинетите не им поставила ниту една прашање дали поседуваат оружје – рече Палевски.

Тој откри дека обвинетиот Видевски имал дозвола за пиштол од марката „чешка збројовка“ со калибар 9 мм.

– Со ова барање предлагам копија од монитор на МВР каде што се гледаат податоците што ги предлагам како доказ. Во МВР уште постојат правдољубиви луѓе, кои го доставија доказите на одбраната – додаде Палевски.

Завчера, по рочиштето се отвори и прашањето дали Палевски има „кртови“ во Обвинителството откако обвинителката беше зачудена што Палевски ги има записниците од исказите на обвинетите.

– Многу чудно е како тоа обвинетиот Љупчо Палевски ги има записниците за испитување од осомничените Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски во Обвинителството, бидејќи тоа се списи што се само за Обвинителството, а не се доставени ниту на увид ниту одбраната има примерок, па многу е чудно како дошол до нив и ги презентира во јавноста – изјави Крстевска Јосифовска.

Прашана дали ќе се испитува кој од Обвинителство му ги дал овие списи, таа рече дека не може да се произнесат додека не преземат конкретни дејства за конкретно лице.

– Додека не преземеме конкретни дејства за конкретно лице, не можеме да се произнесеме. Доколку имаме докази, секако ќе се произнесеме – рече Крстевска Јосифовска.

Еден ден по изјавата на обвинителката, сега од Обвинителството тврдат дека кај нив нема „крт“ и дека записниците им биле споделени на обвинетите, што е спротивно на завчерашната изјава на обвинителката дека не биле доставени ни на увид.

– Записниците од исказите на осомничените во оваа фаза на постапката не се тајни, односно тие се споделени со одбраната на секој од обвинетите поединечно. Јавната обвинителка се произнесе единствено дека зачудува начинот на кој конкретниот обвинет ги поседува и ги коментира исказите на другите обвинети во случајот, особено со оглед на фактот дека во досегашниот тек на постапката обвинетите имаат контрадикторна одбрана. Сепак, во крајна линија, обвинетите ќе имаат можност својата одбрана да ја изнесат и пред судот. До овој момент, Јавното обвинителство нема докази за незаконско протекување документи од истрагата – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.

Адвокатот на Палевски, Марјан Витановски, тврди дека дури ни тој не знае дека Палевски имал доказ за дозволата на Видевски.

– Палевски има вршено увид на целиот предмет и е запознаен со содржината на исказите на тие обвинети. Записниците од сведоците не му се дадени на Палевски, меѓутоа тој си има запишано содржина на исказите на сведоците, содржина на исказите на обвинетите. Јас немам такви записници – вели Витановски, кој порачува дека тоа не битно и дека обвинителката треба да каже зошто не го барала пиштолот на Видевски.

Адвокатот Јанаки Митровски вели дека податоците од МВР се незаконски протечени и дека треба да се гонат „кртовите“ од МВР или од Обвинителството.

– Кога се прави увид во списите на предмет, се прави увид и на исказите на сведоци и на осомничени како дел од истрагата кога таа ќе заврши. Но, другите податоци, како тие од МВР, е невозможно Палчо да ги има без тие незаконски да протечат. Самото прибирање и соопштување на јавноста на делови од истрага, која е тајна, е казниво по член 360 од Кривичниот законик – оддавање службена тајна. Палчо се соочува со потенцијална казна доживотен затвор и тој нема што да изгуби, но „кртот“ или „кртовите“ од МВР или Обвинителство мора да се детектираат и да се казнат – вели Митровски за „Слободен печат“.

Обвинителката, на прашањето за тврдењето на Палевски дека Видевски има оружје, а Обвинителството не го бара, вели дека Обвинителството ги има обезбедено сите докази и тие се приложени во списокот. Според неа, очигледно е дека обвинетиот Љупчо Палевски поднесеното барање за изземање го искористи да ги изнесе сите свои наводи што начелно одат во поткрепа на негова одбрана.

Обвинителството има преземено доволно дејства и го отфрли наводите на Палчо како неосновани.

– Очигледно е дека со презентирањето на видеозаписите се доближуваме до делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејства конкретно ги преземал обвинетиот Љупчо Палевски, кој цело време негира дека учествувал во предметните настани – изјави обвинителката.

Судењето продолжува на 3 февруари, до кога републичкиот јавен обвинител треба да се произнесе за барањето на Палевски за изземање.

Досега Обвинителството презентираше вербални и материјални докази што треба да го докажат обвинението дека Палевски е извршител на убиствата, но да ја докажат и вината на другите обвинети Видевски, Манев, Кешишев и Ѓорчевски.

Од почетокот на судењето, Палевски прво вината ја префрлаше на обвинетиот Манев, потоа Кешишев со писмо тврдеше дека Палчо не е убиец, а потоа Кешишев призна дека Палчо го натерал така да напише, а сега Палевски тврди дека Видевски поседувал оружје со калибар од 9 милиметри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот