Музичка сцена: Бендот „Фанк шуи“ го објави синглот „Невреме“

Перспективниот македонски бенд „Фанк шуи“ на 10 март го објави одличниот нов сингл „Невреме“ проследен со инвентивен видеоспот, а на новата песна соработуваат со вокалната солистка Вера Милошевска Јосифовска од „Љубојна“.

Бендот „Фанк шуи“, со својот исклучителен талент и константната работа на својот израз, ја одбележаа 2020-та продуцирајќи два важни синглови во нивната кариера. Со „Метеори“ и „Ветер“, проследени со авторски видеоспотови, бендот значајно ја мултиплицираше својата регионална публика и веќе се присутни на најрелевантните топ-листи.

Новиот сингл и видеоспот „Невреме“ го реализираат во соработка со еден од најпрепознатливите и најегзотични женски вокали во поновата македонска историја – Вера Милошевска-Јосифовска, кристалниот глас на групата „Љубојна“ и најавтентичната културна фигура на македонскиот мелос. Новата песна „Невреме“ е еклектична фузија во нова и своја стилска и жанровска рамка, онака како и прилега на бескрајната љубопитност на „Фанк шуи“. Синглот веќе е достапен на сите дигитални платформи за слободно преслушување и се наоѓа на повеќе од 150 дигитални музички продавници.

Бендот влезе меѓу 9-те финалисти за наградите ХЕМИ

Бендот во моментов е актуелен со номинациите за видеото „Метеори“ на „Адриа мјузик видео авардс 2020“ во дури три категории. Нагорната линија во растот на „Фанк шуи“ ја потврдува и влезот меѓу 9-те финалисти на европската иницијатива „ХЕМИ мјузик авардс“. Деветте финалисти, значи и „Фанк шуи“, ќе добијат персонализирани програми, кои вклучуваат професионални тренинзи од ментор – експерт во областа на музичката индустрија. Музичките награди ХЕМИ е нова програма, наменета за талентирани музички изведувачи кои се подготвени да развијат меѓународна кариера и да ја пласираат својата музика на европско ниво.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 72, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот