Музичка промоција на албум со симболичен наслов „Последно танго“

По компилацијата со најголемите хитови на Влатко Илиевски – „За љубов се пее до крај“, објавена во 2020 година, на иницијатива на семејството на Влатко, на 2 јули ќе биде промовиран уште еден негов албум – „Последно танго“, составен од досега необјавени песни.

– На денот кога Влатко ќе го прославеше својот 37-ми роденден, 2 јули 2022, точно на пладне во ресторанот на ФК „Работнички“ во Градскиот парк, во присуство на неговите најблиски соработници и пријатели, за првпат ќе бидат претставени песните кои, пред неговото трагично заминување, беа подготвувани за неговиот нов студиски албум. Нешто што несомнено претставува музички тестамент на нашиот Влатче – велат од неговото семејство.

Станува збор за колекција од 14 песни, кои авторски ги потпишуваат Кристијан Габроски, Владимир Дојчиновски, Ристо Самарџиев, Дарко Тасев, Весна Малинова, како и легендарниот лидер на „Дивље јагоде“ – Зеле Липовача. Зеле и Влатко, на радост на многубројните фанови, заедно го снимија големиот хит на „Дивље јагоде“ – „Не желиш крај“.

Албумот содржи досега необјавени песни на носач на звук (некои фестивалски, две со „Златни славејчиња“…), од кои половина се сосема нови, и никогаш не се најдоа ниту на носач на звук, ниту во радискиот етер. Албумот го отвора извонредната „Дајте му ја“, исполнета на „Охрид-фест“ 2017, по која следуваат „Не постојам без тебе“, „Кој ли е ден“, „Со тебе најдов среќа“, „Сѐ ќе покрие прашина“, „Вило вилена“, „Македонка“ (од фестивалот „Златен костен“ во Петрич, Бугарија, 2016), „Комшивке убава“, „Љубов“ (дует со Јулија Димчевска), „Последно танго“ („Макфест“, најслушана песна меѓу два фестивала), веќе споменатата „Не желиш крај“, како и „Сети се“ и „Божикна песна“, снимени со хорот „Златно славејче“.

Како посебен куриозитет, на албумот ќе се најде и првата песна на Влатко Илиевски (која ја снимил во студиото на Ангел Ќосев, неговиот професор по музичко, уште како осмоодделенец) – „Together Again“, неговото авторско дело, за која самиот го сними и солото на гитара. Освен него, во снимањето учествуваа и Урош Вељковиќ (тапани) и Марјан Петровски – Маци (бас), од групата „Steel Temple“.

Саботната промоција на албумот на Влатко, во чест на неговиот 37-ми роденден, е замислена како весел настан од отворен тип, на кој ќе се соберат неговите пријатели, роднини, соработници, фанови, кои, како што пееше Влатко во една своја песна, во спомен на него, „за љубов ќе пеат до крај“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 135, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот