Музичка продукција: Хип-хоп пионерите „Чиста околина“ се враќаат на сцената

Со новиот сингл „Си играме со рапот“ македонските хип-хоп пионери „Чиста околина“ се враќаат на сцената преку серија од неколку изданија за издавачката етикета „Филтер лабел“. Точно 25 години по објавувањето на култниот деби-албум „Новиот аспект на старата школа“, „Чиста околина“ конечно се подготвени да го претстават долго очекуваниот нов материјал. Станува збор за прилично обемна колекција на песни, распоредени на три нови албуми.

– Првиот од нив, „Avantgarde Fatiguée“ ќе излезе во мај годинава, а ќе биде најавен со два сингла. На дигиталните музички сервиси веќе се појави експлозивната „Си играме со рапот“, која пред пет години послужи како симболично видео одбележување на дводецениското постоење на рап-колективот. За нејзиното премиерно објавување на музичкиот пазар, песната доби нов микс и мастер, направен од Оливер Димитров, кој ја потпишува продукцијата на целиот албум.

На песната гостуваат Гоце Стевковски (тапани), Ѓоле Максимовски (бас гитара), Сеад Хаџиќ – Сецко (електрична гитара), Елена Васова (вокал) и Диџеј Славе (скречови). Синглот „Си играме со рапот“ е повеќе од соодветна илустрација за она што може да се очекува од новиот материјал – стилска шареноликост без никакви предрасуди и врвна рецитаторска и свирачка форма. „Чиста околина“ конечно се вратија и звучат позрело, поискусно и полуто од кога и да е порано – истакнуваат од „Филтер лабел“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 67, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 6-7 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот