МТФ „Скупи фестивал“ ќе се одржи на сцената на Албанскиот театар во Скопје

Сцена од претставата „Арбри“ на театарот „Ода“ од Приштина

Со изведба на претставата „Арбри“ на театарот „Ода“ од Приштина, Косово, на 5 октомври ќе почне 17-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи фестивал“. Комплетната програма на фестивалот годинава ќе биде изведена на сцената во Албанскиот театар – Скопје од 5 до 10 октомври, а сите претстави почнуваат во 20 часот.

Фестивалот годинава ќе се одржи под мотото „Блесок во театарот“ и ќе донесе претстави од Косово, Турција, Франција, Босна и Херцеговина, Бугарија, како и перформанс што ќе се сработи преку работилница на тема „Бура и продор“ со режисерката Теа Беговска.

Годинава, исто така, публиката ќе има можност да погледне изложба на плакати од сите 17 изданија на МТФ „Скупи Фестивал“, која ќе биде отворена на првиот фестивалски ден.

Селектираната програма почнува на 5 октомври, во 20 часот, кога ќе настапи ансамблот на театарот „Ода“ од Приштина со претставата „Арбри“, чиј автор и режисер е Лирак Челај. Сценографијата е на Бурим Арифи, а во претставата играат актерите Шкумбин Истрефи, Ќендреса Јашари, Лабинот Раци, Даниела Марку, Бленд Садику.

Драмата ги разработува искуствата на современите семејства кои се соочуваат со неможноста да се грижат за своите родители. Всушност, името на Арбри ја претставува албанската нација (Арберор) и колективната деменција околу идентитетот на албанскиот народ. Преку дијалозите се претставува и сликата за тоа како албанскиот национален идентитет, речиси преку ноќ, се трансформира во косовски и европски или пројугословенски или источнотурски идентитет итн.

Претставата „Под замокот“ на програмата е на 6 октомври. Според текст на Вилијам Шекспир со адаптација на Пинар Аккузу и Ѓулден Арсал Јавуз, а во режија на Гурај Динкол во претставата играат Пинар Аккузу и Ѓулден Арсал Јавуз.

Станува збор за физички театарски истражувања. Текстот e адаптација чија драматуршка основа е драмата „Магбет“ на Вилијам Шекспир. Во претставата, приказната за Магбет е раскажана од две перачки/Буфони кои го виделе Магбет, како и секој крал и кралица, воопшто, уште од почетокот на човештвото. Станува збор за театарско патешествие кое нѐ води кон откривање на мрачните нешта во нас самите.

На 7 октомври ќе се одигра театарската претстава „Скршено на парчиња“ на театарот „La Belle Meunière“ од Франција, каде што автори, режисери и актери се Маргерит Бордат, Рафаел Котин, Пјер Меуниер. На сцената ќе се појават двајца бурлескни актери кои потсетуваат на познатото комедијанско дуо Лорел и Харди, кои носат убаво и внимателно спакувано парче мебел кои ќе претрпи жесток и комичен масакр, сè додека не се сруши целосно на парчиња. На крајот публиката е поканета да учествува во спојувањето на овие парчиња, а со тоа да открие дека, всушност, ништо не е изгубено.

На 8 октомври публиката ќе може да го погледне перформансот „Бура и продор“, кој ќе биде производ од работилницата водена од режисерката Теа Беговска. На работилницата учествуваат младите актери Илин Јовановски, Миа Кантарџиева Петровска, Дин Ибрахим, Бојан Лазаров, Тодор Стојковски, Дениз Рустеми.

На 9 октомври на програмата е претставата „Трамвајот наречен желба“ од авторот Тенеси Вилијамс во изведба на Сараевски воен театар со колективна режија и улоги во кои настапуваат Дина Мушановиќ, Аљбан Укај, Игор Скварица, Матеа Маврак, Ноа Југо. „Трамвајот наречен желба“ е претстава за нас. Секогаш се наоѓаме во состојба на некоја пресвртна точка од нашите животи, а истите тие пресвртници секогаш нѐ прегазуваат.

Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври со претставата „Орфеј“ на Народен театар „Иван Вазов“ од Софија, Бугарија. Драматург е Матиќ Старина, режисер е Јернеи Лоренци, а во улогите настапуваат Александра Василева, Гергана Змичарова, Билјана Петринска, Радена Валканова, Ева Данаилова, Василена Винченцо/Надја Керанова, Јорета Николова, Владимир Пенев, Валентин Ганев, Дејан Донков, Стелијан Радев, Ненчо Костов, Дарин Ангелов, Димитар Николов. Во основата на идејата за претставата лежи античкиот мит за Орфеј и Евридика. Тој е одново замислен и создаден преку модерните рефлекси и сетила на човештвото, кои се соочуваат со бројни егзистенцијални проблеми.

Фестивалот има натпреварувачки карактер и доделува награда за најдобрa претстава, а годинава за наградата ќе одлучи тричленото жири: Теја Шугарева, режисерка од Бугарија, Вјољца Бектеши Хамити, актерка од Скопје, и Благица Секуловска, драматург од Скопје.

МТФ „Скупи фестивал“ годинава е поддржан од Министерството за култура, Бугарскиот културен центар во Скопје, Францускиот институт, Македонски Телеком, „Премиум Резиденц“, весникот „Коха“ и Албанскиот театар – Скопје.

Директор на фестивалот е Музбајдин Ќамили – Мучи, претседател на Уметничкиот совет е актерот Сенко Велинов, уметнички директор е Осман Ахмети, координатор е Џанер Мусиќ, а Теа Беговска е одговорна за работата на работилницата на „Скупи фестивал“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот