комресор гас украина нафтогас
Фото: EPA/ROMAN PILIPEY

Mоже ли Русија да го изгуби имотот во Австрија? Право против сила во случајот „Нафтогаз“

Австрија сè уште е во центарот на чувствителен правен судир меѓу Украина и Русија, каде што судовите треба да одлучат дали арбитражна пресуда може да се спроведе преку продажба на руски државен имот или државниот имунитет останува неприкосновен. Исходот од случајот може да ја редефинира практиката за извршување пресуди против суверени држави во Европа.

Австриското судство повторно се најде во фокусот на меѓународната јавност поради случај што директно ја поврзува војната во Украина со правниот систем во Виена. Одлуката на Општинскиот суд во Виена да дозволи продажба на руски недвижности во корист на украинскиот енергетски концерн Нафтогаз отвори сериозни правни и политички прашања, не само за Австрија, туку и за цела Европа.

Иако одлуката беше донесена уште минатото лето, случајот e далеку од завршен, бидејќи Руската Федерација најави дека ќе ги искористи сите правни средства за да ја запре извршната постапка. Прашањето што сега се наметнува е дали Австрија ќе стане преседан во Европа кога станува збор за присилна наплата на арбитражни пресуди против држава, во време кога меѓународното право се наоѓа под силен притисок од геополитичките конфликти.

Правна битка по одлуката на судот

Коренот на спорот води кон 2014 година и руската анексија на Крим. По преземањето на полуостровот, Русија стави под своја контрола бројни гасни постројки и цевководи кои претходно му припагаа на Нафтогаз. Украинскиот концерн покрена меѓународна арбитража, барајќи отштета за загубениот имот и изгубените приходи. Во 2023 година Постојаниот арбитражен суд во Хаг пресуди во корист на Нафтогаз и му додели обесштетување од околу 4,3 милијарди евра, одлука која Москва од самиот почеток ја оспорува.

Откако Русија одби доброволно да ја исплати сумата, Нафтогаз започна со поднесување барања за извршување во повеќе европски држави, со цел практично спроведување на арбитражната одлука. Во Австрија, Општинскиот суд во Виена им даде зелено светло на Украинците и дозволи да се отпочне постапка за продажба на руски недвижности. Според судските документи, станува збор за повеќе од 23 станови и куќи лоцирани во Салцбург, Пуркерсдорф во Долна Австрија, како и во виенските окрузи Веринг, Дoблинг и Донауштат, имот кој формално е во сопственост на Руската Федерација.

Руската страна, како што и се очекуваше, не ја прифати оваа одлука. На крајот на декември државата поднесе жалби до судот, а Нафтогаз сега има можност да одговори на нив. Потоа предметот ќе биде проследен до повисоката инстанца, односно до Покраинскиот суд за граѓански прашања во Виена. Според информации од судот, постапката може да се одолговлечи поради долги рокови за доставување, преводи и административни пречки.

Прашањето за државниот имунитет

Клучниот аргумент на Русија во жалбената постапка е повикувањето на принципот на државен имунитет, еден од темелите на меѓународното јавно право. Руските адвокати тврдат дека спорните недвижности се користат за службени и државни цели и како такви се заштитени од извршување. Доколку судот го прифати овој аргумент, имотот не би смеел да биде продаден, без разлика на арбитражната пресуда и финансиските побарувања на украинската страна.

Нафтогаз, пак, внимателно се обидува да го избегне овој проблем. Во барањето за извршување не се опфатени објекти кои очигледно имаат дипломатска намена, како руската амбасада во Виена или рускиот културен институт. Наместо тоа, фокусот е ставен на станови и куќи кои се користат за сместување дипломати или за други нерезидентни цели, што според украинската страна не претставува класична суверена активност и не ужива целосен имунитет.

Случајот веќе го привлече вниманието и на австриското Министерство за надворешни работи. Како што беше потврдено кон крајот на минатата година, Министерството било замолено да изготви стручно мислење во рамки на судската постапка. Проценката дали конкретните недвижности уживаат имунитет сè уште е во тек, а нејзиниот исход може да има значајно влијание врз судската одлука.

Во Австрија досега постои многу ограничена судска пракса кога станува збор за вакви случаи, поради што правните експерти не ја исклучуваат можноста конечната одлука да ја донесе Врховниот суд. Без оглед на исходот, оваа правна битка веќе претставува симболичен судир меѓу меѓународното право, државниот суверенитет и обидите за финансиска одговорност поради војната во Украина, со потенцијални последици далеку надвор од границите на Австрија. За многумина, случајот се следи и како тест за независноста на судството и подготвеноста на европските држави да применат правни механизми против моќни актери, дури и кога тие се суверени држави. Истовремено, одлуката може да испрати јасна порака за последиците од кршењето на меѓународното право и за улогата на судовите во време на воени конфликти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот