Монодрамата „Прима фацие“ е театарски трилер за вистината, системот и правдата
Монодрамата „Прима фацие“ (Prima Facie) од австралиската авторка Сузи Милер, за првпат на театарската сцена во Република Северна Македонија, премиерно ќе биде изведена на 3 април 2026 година, со почеток во 19 часот, на малата сцена во Албанскиот театар во Скопје. Репризни изведби се закажани за 4 и 6 април, на истата локација и во истиот термин.
Препорачано
Драмата „Прима фацие“ е правен трилер што ја следи приказната на Теса Енслер, успешна адвокатка специјализирана за одбрана во случаи на сексуално насилство, која, по еден ненадеен настан, се соочува со системот што дотогаш го бранела. Претставата отвора суштински прашања за согласноста, родовата еднаквост, моќта и правдата, поттикнувајќи општествена дебата и емпатија.
Улогата на Теса Енслер ја толкува Сара Анастасовска, режијата е на Драгана Гунин, претставата ќе биде надополнета со музичкиот настап на диџеј Дулелуд, а преводот е на Благој Б. Бошковски. Претставата се реализира во продукција на Здружението ТЕСА – Скопје, во соработка со „Млади хаб“, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
По секоја од изведбите ќе се одржат кратки јавни дискусии со експерти (адвокат и психолог), со цел да се продлабочи разговорот за темите што ги отвора претставата, вклучително и правното толкување на согласноста, психолошките последици од сексуалното насилство, како и процесот на пријавување и добивање поддршка.

По априлските изведби во Скопје, претставата ќе продолжи со изведби во текот на мај во други градови низ државата, со цел темите што ги отвора да допрат до поширока публика. Овој проект е активност поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од страна на „Хартефакт фонд“ од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година.
Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Република Северна Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 326, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.3.2026)


