Моите 1 + 5: По избор на Тоше Огњанов, „Dogville“ на Ларс Фон Трир

Тоше Огњанов/Dogville
Тоше Огњанов/Dogville

„Dogville е наедно и своевидно отворено книжевно дело, што преку филмска нарација го ангажира гледачот активно да учествува во градењето на сопственото видување на филмот.

Мојот избор на филмовите ќе биде посветен само на еден режисер, контроверзниот и прониклив Данец, Ларс Фон Трир.

Уметничкиот израз на Трир и неговиот пристап кон нарацијата низ камера, звук, сценографија, водење на актерите го сметам за мајсторски иновативен со исклучителна умешност да се закачи врз емотивните и врз умствените сензори кај гледачот.

Во мојот кус избор на пет филма од овој режисер, сепак фокусот ќе го ставам на „Dogville”.

Три часа, театар во филм во кој концептот „Less is more” (Помалку значи повеќе) го ослободува гледачот од потребата да насочува внимание кон гломазна сценографија и како инка му овозможува да се фокусира на приказната што ја доживуваат актерите. Концепт на театар, но уште повеќе поедноставен, до степен што гледачот и без да сака, почнува да додава во сценариото сопствени имагинации за локациите, ентериерот, климата, ветерот, студенилото, топлината во филмот.

„Dogville“ е наедно и своевидно отворено книжевно дело, што преку филмска нарација го ангажира гледачот активно да учествува во градењето на сопственото видување на филмот. Трир како да сакал да создаде приказна во која под негова палка, ќе му овозможи на реципиентот да не биде само консумент, туку и своевиден асистент на режисерот во креирањето на филмот. 

Што се однесува за приказната, пак, во „Dogville”, како што и самото име кажува, при лаички превод, Кучешки град, се соочуваме со филозофијата на глутницата кучиња скитници. Малограѓанштината го брани сопствениот чопор, а секој нејзин поединец го брани сопствениот простор. За единки од надвор, во една таква средина нема простор, што впрочем се гледа и од односот на ликовите кон Грејс (Никол Кидман) која одеднаш со својата белина го нарушува сивилото на чопоративната заедница.

Овој концепт на стравот од другиот, од промената, стравот на малите од големите, но и суровоста што скриено опстојува во затворените заедници го поттикнува гледачот на размислување: Дали и колку човекот како единка од модерното општество успеал да стане космополит или сѐ уште во себе го носи менталитетот на пештерско живеење?

“Dogville” е филм што очудува, филм што носи севремена приказна која отвора врата за гледачот да влезе во неа и да се запраша, колкав е „Догвилот” кај секого од нас?

Lars Von Trier/Twitter
Lars Von Trier/Twitter

+5:

 

„Europa”, 1991

„The Idiots”, 1998

„Nymphomaniac”, 2013

„Dancer in the Dark”, 2000

„Melancholia”,  2011

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот