МНК ИКОМ ги додели наградите по повод Меѓународниот ден на музеите

Здружението Македонски национален комитет при Меѓународниот Совет на музеите, како дел од светската мрежа на ИКОМ (Меѓународен совет на музеите) го одбележа 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите со онлајн советување и доделување награди за особени достигнувања во музејската дејност.

Советувањето по повод Меѓународниот ден на музеите годинава се одржа преку онлајн платформите за комуникација, а Маја Чанкуловска – Михајловска, претседател на МНК ИКОМ, рече: „Со цел да ја поттикне, да ја популаризира и да ја афирмира музејската дејност ова здружение од 2009 година објавува конкурси за доделување Годишната награда 18 Мај – Меѓународен ден на музеите за особени достигнувања во музејската дејност. Доделувањето на наградите е поттик за музеите и за музејските работници за понатамошната работа и ангажирање, со цел постигнување на највисоките стандарди на квалитет во музејската дејност“.

Уште пред пандемиското време кое го смени нашето гледање на светот, согласно светските промени, произлезе потребата за многу промени и во однос на музејското работење, поточно измена на дефиницијата „музеј“, која како заедничка основа функционира веќе 50 години и која би била во согласност со новите потреби. „Годишните теми на ИКОМ се однесуваат на промените кои треба да се дискутираат за прогресивни промени во новото дигитално доба, потреба која стана очигледна реалност. Она на што се фокусираат и мноштво од новите прашања е градење на иднината на музеите, не само преку нивна поинаква достапност во јавноста преку интернет содржини, туку и подигнување на свеста за солидарност и соработка врз основа на лекциите кои ги научивме изминатава година и како да се подготват музеите во случај на нова непредвидена криза“, истакна Чанкуловска – Михајловска.

Поздравно обраќање на Советувањето по повод Меѓународниот ден на музеите имаше министерката за култура, Ирена Стефоска, која меѓудругото рече: „Начинот на кој го одбележуваме Меѓународниот ден на музеите и оваа година, за жал, е уште една слика за разорната моќ на ковид-кризата која ја забави, а на моменти и ја застана културата во целиот свет. Музеите, по дефиниција, се чувари на материјалното и на духовното културно наследство. Но, денес улогата на музеите не е само да бидат чувари, туку и репрезенти на нашата култура и традиција. Музеите се и најатрактивната дестинација за странските посетители. Затоа, мора да ги модернизираме музеите, свесни дека некаде ќе почнеме од мемливите подруми, покривот кој прокиснува, до поставките. А во светот, музеите се извор на големи приходи“.

„Државите имаат суштинска улога да ги поддржат музеите во овој тежок период, преку амбициозна културна политика, не само да го гарантираат нивниот опстанок, туку и да ги подготват за иднината“, е пораката на УНЕСКО, истакна министерката Стефоска, и додаде: „Според нивните извештаите, речиси 90 проценти од музеите во 2020 година биле затворени 155 дена, а голем дел од нив повторно биле затворени и во 2021. Затворањето на вратите на музеите резултирало со принудни одмори, а, за жал, и со откази. И покрај загубите во милионски износи, многу музеи се фокусирале на проширување на нивните дигитални архиви и активности на социјалните медиуми. Ние спаѓаме во оние земји кои развиваат и дигитална музејска презентација за време на ковид. Свесни сме дека достапноста до културата преку дигитални средства е отежната – од пристапноста до интернет, генерацискиот јаз во однос на дигиталната писменост, како и недоволната техничка опременост на самите музеи. Тоа се реални предизвици со кои треба да се соочиме“.

Меѓу другите, свои излагања имаа и Оливера Џартовска Тачевска, претседател на МНК „Син штит“ и м-р Кристина Бицева, потпретседател на МНК ИКОМОС. На однапред зацртаните теми говореа и д-р Ирена Ружин, НУ Завод и музеј Битола, м-р Маја Димитрова од НУ Национална галерија на РС Македонија и Фросина Лазаревска, НУ Музеј Куманово. За функционирањето на музеите во време на криза и нивно реконципирање зборуваше м-р Ана Франговска од НУ Национална галерија на РС Македонија.

Награда за Музејски проект на годината на ЈУ Музеј на град Скопје за проектот „70 години Музеј на град Скопје“ со авторскиот тим: Емил Алексиев, Фросина Зафировска, Станимир Неделковски и Соња Апостолова

На советувањето беа доделени традиционалните награди и пофалници за 2019 и 2020 година. Наградата Музеј на годината за 2019 ја доби Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија за проектот „Постојана изложбена поставка“, награда за Музејски проект на годината доби НУ Археолошки музеј на РСМ за Меѓународниот проект „100 години Требениште“, наградата за Музејски работник на годината му припадна на Гоце Божурски од НУ Музеј Куманово, додека наградата за надворешен музејски соработник ја доби Лидија Мешкова, уредник на редакција за култура и уметност во МТВ за емисијата „Витраж“.

Музеј на годината на НУ Музеј Куманово за Реконструкција на Спомен-куќата на Христијан Тодоровски Карпош

Наградата за Музеј на годината за 2020 година е доделена на НУ Национална галерија на РСМ за галериска дејност во време пандемијата на ковид-19, посебно признание за Музеј на годината на НУ Музеј Куманово за реконструкција на Спомен-куќата на Христијан Тодоровски Карпош, Куманово, награда за Музејски проект на годината на ЈУ Музеј на град Скопје за проектот „70 години Музеј на град Скопје“ на авторскиот тим: Емил Алексиев, Фросина Зафировска, Станимир Неделковски и Соња Апостолова, пофалница за научно-истражувачка музејска дејност за Музејски проект на годината на ЈУ Музеј на град Скопје за проектот „Скопје виа Солун“ на авторскиот тим: Славица Христова, Татјана Ѓорѓиевска и Оливера Џартовска Тачевска, награда за Музејски работник на годината на Славица Крстиќ од НУ Музеј Куманово. Посебни пофалници за промоција на музејската и галериската дејност преку електронските медиуми и социјалните мрежи во периодот на пандемијата добија Ивана Тасев, надворешен соработник во Музеј на современата уметност – Скопје, Ива Лабан, надворешен соработник во Археолошки музеј на РСМ и Гордана Младеновска – надворешен соработник во Музеј на РСМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 81, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-24 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот