ММФ ја отвори касата: Украина доби нова финансиска поддршка

Меѓународниот монетарен фонд ѝ одобри на Украина нова транша од 500 милиони долари по успешно завршената осма ревизија на четиригодишната програма за економска поддршка. Украинската влада ги исполни клучните критериуми и продолжува со структурните реформи, вклучително и во даночниот и антикорупцискиот сектор. Овие средства ќе помогнат во стабилизирање на економијата и финансирање на приоритетни буџетски потреби.

Украина доби нова транша од 500 милиони долари од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), откако Извршниот одбор на Фондот ја заврши осмата ревизија на четиригодишната програма за проширено финансирање (Extended Fund Facility – EFF). Со оваа исплата, се отвора патот за натамошна финансиска стабилизација на земјата во услови на продолжена војна и економски предизвици. Од ММФ информираат дека украинската економија останува стабилна, а властите ги исполниле сите квантитативни критериуми и индикативни цели до крајот на март 2025 година.

Во рамките на осмата ревизија, украинската влада доставила детален план за реформа на царинската служба, што беше еден од предусловите за одобрување на траншата. Дополнително, исполнети се два важни структурни репери, првиот е поднесувањето на законски измени за воведување на даночни обврски за операторите на дигитални платформи, а вториот е спроведувањето на надворешна ревизија на Националното антикорупциско биро (NABU). Иако некои други структурни обврски, како назначувањето на нов директор на Царинската служба, се одложени, од ММФ напоменаа дека роковите за нивна имплементација се ревидирани.

Покрај тоа, ММФ утврди четири нови структурни барања за наредниот период. Тие се однесуваат на ажурирањето на единственото портфолио на јавни инвестициски проекти, изработка на развоен план за финансиската инфраструктура, имплементација на меѓународни стандарди за проценка, како и усогласување на законодавството што се однесува на секјуритизација и издавање обврзници. Овие мерки се дел од поширокиот реформски процес што го спроведува Украина со цел да обезбеди долгорочна економска одржливост и транспарентност.

Министерството за финансии на Украина соопшти дека овие средства ќе бидат искористени за приоритетни буџетски расходи и поддршка на најранливите сектори во економијата. Министерот за финансии, Сергиј Марченко, изјави дека соработката со ММФ е клучна за одржување на стабилноста и за натамошното спроведување на клучните реформи во земјата. Тој исто така нагласи дека партнерството со меѓународните институции останува од суштинско значење за финансиската иднина на Украина.

Програмата EFF за Украина беше одобрена во март 2023 година и е планирано да трае четири години, со вкупна финансиска поддршка во износ од 15,5 милијарди долари. Со последната исплата, вкупниот износ што Украина досега го има добиено од ММФ достигнува 10,6 милијарди долари. Претходната транша од 400 милиони долари беше исплатена во март 2025 година.

Оваа програма е дел од поголем меѓународен пакет за поддршка на Украина, кој вклучува и средства од Европската Унија, Светска банка и други донатори, со вкупна вредност која се проценува на над 150 милијарди долари. Финансиската поддршка што ја добива Украина од ММФ и другите меѓународни партнери има за цел не само да ја стабилизира економијата, туку и да ги поттикне структурните реформи, борбата против корупцијата и создавањето на поволна средина за идно закрепнување и развој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот