Младите талибанци ги заменија пиштолите со пенкала за да научат за човековите права

Талибанци / Фото EPA-EFE/STRINGER

Млади момчиња кои го поминале најголемиот дел од својот живот во борби, сега учат како да се однесуваат со цивилите додека талибанците преминуваат од насилно во модерно владеење

Младите талибански борци од Авганистан неодамна започнале да посетуваат различни предавања на кои се учат како да се однесуваат со цивилите, пишува Гардијан.

„Вооружени“ со тетратки и пенкала, повеќе од 20-тина борци кои по освојувањето на Авганистан станале полицајци, никогаш претходно не биле во училница. Поголемиот дел од својот млад живот го поминале како борци во руралните области.

„Кој е проблемот со носењето оружје во болница?“ – прашува тренерот Рауф.

„Луѓето ќе се исплашат“, одговара еден млад талибанец.

„Тоа ќе има лош ефект врз болните луѓе“, вели друг.

Овој дводневен час по меѓународно хуманитарно право (МХП), организиран од Женева кол, хуманитарна организација, се одржува во Кандахар, јужен Авганистан.

„Дали некогаш сте го донеле пиштолот во болницата? Прашува Рауф. Сите борци му се насмеале. „Да, секако!“

Правилата на МХП

Правилата на МХП може да изгледаат очигледни: не можете да казните некого што ќе го уапсите пред да оди на суд; момчињата под 18 години се деца и не треба да се караат; или „ако некој не се бори против вас, вие не треба да се борите со него“.

Но, професорот Рауф вели дека овие студенти „немаат знаење за сите овие работи, тие цела младост биле во планините само со пиштоли во рацете“.

Од октомври, Рауф обучил 250 мажи во Кандахар. „Ако продолжиме, сигурен сум дека тие ќе се променат. Веќе видов многу промени“.

По часовите, борците велат дека ќе изменат некои однесувања. „Нема повеќе да влегувам во болниците со оружје“, вели Баракатулах (28). „Исто така, за мене беше ново да слушнам дека треба да го почитуваме човечкото достоинство на затворениците“.

За време на курсот, Баракатулах станал да зборува за тортурата што ја претрпел во затворот Баграм, каде што поминал осум години.

Но, младиот човек, со својата долга црна брада и меки очи, изгледа повеќе изморено отколку луто, пишува британскиот весник. Откако го загубил целото семејство освен мајка му во американскиот воздушен напад, сè што посакува е „нормален живот“.

„Ако можам да најдам друга работа, би ја напуштил полицијата. Можам да бидам дуќанџија или да работам за невладина организација“.

Според Ешли Џексон, ко-директор на Центарот за проучување на вооружени групи на Институтот за прекуокеански развој, важно е да се продолжи со обучувањето на талибанците.

„Дури и малите промени во нивното однесување би можеле да спасат животи“, вели таа.

Во училницата сите ученици носат турбан или мала традиционална капа. Некои редовно креваат рака за да дадат одговор или свое мислење.

Борците лесно се согласуваат со спречување на родовото насилство, но некои теми бараат повеќе тактичност, како што е употребата на импровизирани експлозивни направи, бомбаши самоубијци или каков било чин што може да им наштети на цивилите.

Талибанските војници, откако се вратија на власт, често убиваа цивили бидејќи нивните возила не застануваа на контролните пунктови.

„Талибанците преминаа од борбена сила во влада речиси преку ноќ – без речиси никаква подготовка, обука или разбирање на работи како нормите за човекови права“, вели Џексон.

„Има ужасни проблеми со тортурата и тепањето во притворите на талибанците. И талибанците не прават многу за да го решат тоа, така што навистина зависи од другите да се обидат сè што можат за да спречат поголемо страдање“, додава тој.

Кефајатулах (22), еден од учесниците на курсот, сега работи во еден од авганистанските затвори.

„Вчера научив дека треба да се однесуваме хумано со затворениците“, вели тој.

„Кога се вратив во затворот каде работам, се јави едно лице велејќи дека мајката на еден затвореник сака да разговара со нејзиниот син. Порано не го дозволувавме ова. Но, поради обуката, му го дадов мојот мобилен на затвореникот за да разговара со неговата мајка“.

Околу 60% од учениците не знаат да читаат, некои посетувале само веронаука во руралните медреси.

„Би сакал повторно да тргнам во училиште и да научам англиски. По завршувањето на часовите, им реков на моите пријатели дека треба да побараме учител да дојде во полицискиот штаб и да не поднаучи англиски“, вели Кефајатулах.

За време на паузата борците остануваат седнати, се смеат и се сликаат еден со друг. Тоа е слика далеку од онаа што често ја прикажуваат во пропагандните видеа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот