Млад талент: Инес Неделковска освои две први награди во Бон

Настап на младата пијанистка Инес Неделковска во „Карнеги хол“ во Њујорк

Пијанистката Инес Неделковска (17) постигна голем меѓународен успех на интернационалниот натпревар за млади музичари во Бон, Германија, на кој учествуваа талентирани музичари од 71 држава. Младата Инес се закити со Прва награда во категоријата пијано до 18 години, како и Специјална награда за изведбата на „Токата за пијано“ од македонскиот композитор Властимир Николовски.

Инес Неделковска

Како победник Инес е поканета да настапи во живо на доделувањето на наградите во Куќата на Бетовен (во којашто се родил) во Бон, Германија, која сега е музеј, спомен куќа и престижна културна институција. Од исклучително значење е тоа што за првпат во Бон, во Куќата на Бетовен, Инес ќе изведе дело од македонски композитор, за кое ја доби специјалната награда.

Настап на младата пијанистка Инес Неделковска во „Карнеги хол“ во Њујорк

Младата пијанистка Инес Неделковска (2003) е една од најистакнатите млади македонски музичарки. Таа е ученичка во СМУ „Тодор Скаловски Тетоец“ во Тетово, во класата на проф. д-р Нина Костова – Јаневска и под менторство на еминентниот руски педагог Људмила Романова. Инес Неделковска досега се закитила со 12 први награди на меѓународни натпревари во Монте Карло, Италија, САД, Франција, Велика Британија, Германија, Шпанија, Македонија итн.

Како победник на овие натпревари, Инес добива можност да настапува во најистакнатите светски концертни сали, како што се „Карнеги хол“ и „Кауфман центар“ во Њујорк, „Ројал Алберт хол“ во Лондон, Театарот „Росини“ во Италија, Филхармонијата во Париз и многу други. Во рамките на познатиот фестивал „Москва ги пресретнува пријателите“, организиран од фондацијата на легендарниот виолинист и диригент, Владимир Спиваков, таа се претставила со три концерти пред московската публика.

Настап на Инес Неделковска во „Ројал Алберт хол“ во Лондон

Во организација на Музичката младина на Македонија Инес Неделковска има реализирано голем број солистички концерти, како и настап на фестивалите „Скопско лето“ и „Охридско лето“ (Подиум на млади). Фасцинантните успеси на 17-годишната пијанистка Инес Неделковска се потврда за вонредниот талент и трудољубивост, високиот професионализам и врвната пијанистичка школа на нејзината професорка. Тоа е потврда дека ученичката Инес Неделковска со сигурност чекори по патот на успехот, претставувајќи ја со гордост нашата земја во светот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 64, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 16-17 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот