МИСТЕРИЈА ЗА КОЈА 10 ГОДИНИ НЕМА ОДГОВОР: Човекот кој го избриша своето минато и свесно замина од овој свет

Фото: Јутјуб принтскрин/Aeon Video

Во јуни 2009 година, човекот со името Питер Бергман е пронајден мртов на плажа во Ирска. Дури сега, 10 години подоцна, полицијата, новинарите и интернет-детективите се обидуваат да сфатат што точно се случи со овој човек. Слабиот човек облечен во црно влегол во автобус за градот Слиго, мал крајбрежен град недалеку од ирската граница. Три дена подоцна, по викендот кој го поминал сам, Бергман е пронајден мртов, пренесува „Јутарњи.хр“.

Најран познат момент од неговото патување е во Дери во Северна Ирска, каде влегол во попладневниот автобус кој вози до границата, односно до градот Слиго. Стигнал во 18.28 часот, запрел такси и го замолил да го пренесе до центарот на градот.

Стигнал во градот во петок навечер, во шпицот на тамошната туристичка сезона. Во првиот хотел кој влегол немало место. Повеќе среќа имал во Sligo City Hotel на улицата Квај, каде рекол дека ќе престојува три ноќи. Како својата адреса ја запишал улицата Аинстетерсн 15, во Виена, Австрија, што одговарало со неговиот германски акцент. Тој се потпишал со името Питер Бергман, а ниту во еден момент од хотелот не му побарале лични документи за потврда на идентификацијата.

Следниот ден поминал без поголеми инциденти. Бергман отишол до локалната пошта во 10.49 минути, купил осум поштенски марки и уште некои налепници. Купувал и некои работи во градот, а потоа се вратил во хотелот каде ручал и повремено излегувал да пуши цигари. Цело време бил сам.

Во недела, рано претпладне, отишол од хотелот кон една такси-постојка во градот. Барал од возачот да го однесе до некоја мирна плажа каде би можел да плива. Таксистот го пренел до полуостровот Роузес Поинт, познато по впечатливиот и прекрасен поглед, место оддалечено 15 минути возење од градот. Кога излегол од автомобилот, изгледал дека е задоволен од тоа што го гледа. Но, наместо да влезе во водата и да плива, побарал од таксистот да се врати во хотелот. Остатокот од денот го поминал во градот.

Околу 13 часот во понеделникот на 15 јуни 2009 година, Питер Бергман се одјавил од хотелот и го вратил клучот на рецепција. Излегол со неколку работи, имал виолетова вреќичка и нешто што личело на црн куфер. По подолг пат прошетал до автобуската станица, каде што стигнал и извадил некои листови од џеб, прочитал што е напишано и потоа ги искинал и ги фрлил во канта за ѓубре. Автобусот до Роузес Поинт во кој се качил тргнал во 14.20 часот.

Не се обидувал да се сокрие

Подоцна е утврдено дека дури 16 лица го виделе Бергман на плажата. Не се обидувал да се скрие. Напротив, ги поздравувал непознатите луѓе кои ги среќавал, кои се сеќаваат дека бил формално облечен.

Следното утро, еден локален човек, околу шест часот наутро џогирал со синот на плажата. Тие први го пронашле телото на овој средовечен маж, кој лежел на брегот. Но токму тогаш се појавила вистинската мистерија за тоа кој всушност е овој човек.

Новинарот на „Вајс“, Франциско Гарсија, 10 години по смртта на овој човек, отиде во малото место на границата меѓу Ирска и Северна Ирска, за да се обиде да дознае што повеќе и лично да ги посети локациите по кои овој човек се движел.

Телото на Питер Бергман е пренесено во мртовечница, а пронајден е гол, бидејќи неговата облека била растурена по плажата. Неговите џебови биле празни, немал ниту пари, новчаник и документи. Утврдено е дека се удавил, немало знаци на борба. Забите му биле во добра стостојба, му недостасувале неколку пломби. Но неговото тело предизвикало внимание поради изразено лошата состојба.

Откиено е дека имал рак на простата во развиена фаза, имал и неколку тумори на коските. Преживеал неколку срцеви удари и му недостасувал еден бубрег. И покрај сите тие дијагнози, токсиколошкиот извештај покажал дека во телото немал никакви медикаменти, односно дека не примал лекови.

Откако неговото тело е видено од лекарите, се дознало дека властите не можат да го поврзат со ниту една особа. Истражувачоте сфатиле дека немаат никакви документи за идентификација, ниту пак било какви други работи со кои можеле да го најдат неговиот идентитет. Дури и етикетите на неговата облека биле отсечени.

Полицијата сега може само да чека

На адресата која дал во хотелот, постои една зграда во Австрија, но таму не живее никаков Питер Бергман. Писмата кои ги испраќал во пошатата во Слиго никогаш не се пронајдени.

Како што минувале деновите, мистеријата се зголемувала, а случајот станал нешто со што дотогаш тамошната полиција не се сретнала. Последните денови на Питер Бергман се собрани од фрагменти забележани на надзорни камери кои се поставени во градот Слиго.

Човекот секој ден го напуштал хотелот со својата виолетова вреќичка. Била полна кога излегувал, а празна кога се враќал. Што правел во меѓувреме, до ден денес не е познато. Се смета дека тој ги фрлал своите работи во различни канти за отпад во градот, а притоа внимавал да не го снимат надзорните камери.

Човекот кој го нарекуваат „Питер Бергман“ до денес не е идентификуван, а за неговиот случај е снимен и документарен филм наречен „Последните денови на Питер Бергман“ од 2013 година. Овој случај е тема на многу мистериозни скандали, како и теории на интернет.

– Изгледа дека има одредена цел во се ова. Сите чекори на овој човек изгледаат како преходно да се смислени, од сечењето на етикетите на облеката, до се друго. Прашањето кое мораме да го поставиме е следното: Зошто Слиго? Ако сакал впечатливо место за да си го одземе животот, можел да избере било кое друго место на западниот брег на Ирска, или дури и Шкотска. Нешто го донело тука, иако не можеме со сигурност да тврдиме што точно е тоа – рече инспекторот на Ирската гарда кој работи на овој случај, Реј Мулдеринг.

Детективот на новинарот од „Вајс“ му објасни дека до сите овие податоци дошле по многу часови работа. Имаат ДНК од човекот, облека и отпечатоци од прсти, но се уште не го знаат неговиот идентитет. Сега можат само да чекаат.

Вообичаено, во случаите на исчезнатите лица во јавноста излегуваат некои роднини, односно некој ќе ги побара. Во случајот на Питер Бергман, таков човек се нема јавено, тука се само адвокатите, луѓето кои го виделе на улица и го запомниле, таксистот кој го возел, вработените од хотелот…

Приказната за Питер Бергман делува неверојатно токму поради тоа што тој успеал да го сокрие својот идентитет. Во денешното време на дигитални отпечатоци и бази на податоци и надзорни камери, изгледа дека е невозможно да се побегне, нешто што на овој човек му успеало.

Неминовно е да се каже дека неговиот крај не негов избор, како и дека тој успеал перфектно да го изрежира своето самоубиство – од псевноднимот, до местото и времето на неговата смрт. Можеби тоа го направил поради неизлечивата болест, а можеби неговиот случај е естремен пример за враќање на контролата во свои раце.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот