Мирјана Стојановска Јовановска: Најчестата грешка на брачните партнери навидум не е страшна, а води до разводи

Она што некогаш беше практика на холивудските ѕвезди, денес е секаде во светот – предбрачни договори. И не само по примерот на „50 нијанси сиво“, туку договор во кој секој прецизно ќе се искаже што му смета, за да не дојде до недоразбирања подоцна. Каде грешат најчесто партнерите, а очигледно грешат, тоа го потврдува фактот дека 1.620 бракови се раскинати во 2018 година. За разводите нема да зборуваме, туку за тоа како до успешен брак? Кои грешки да не ги правите или повторувате за да го сочувате бракот? Претседателката на Комората на психолози на РСМ, Мирјана Стојановска Јовановска, дава одговор за Слободен печат на прашањата кои можеби гласно, можеби во себе си ги поставувате.

Треба ли да постои предбрачен договор?
– Самото склучување на бракот е вид на договор. Кога чита матичарот, ние се согласуваме со неговите зборови со тоа што потпишуваме документ. Тој договор повеќе се однесува на правила на заедничко живеење гледано од агол на психолошка и емотивна точка. Да си помагаат еден на друг, да се искрени, да се почитуваат итн. Законот предвидува што ќе биде со заедничкиот имот. Во одредени случаи има потреба да се склучи предбрачен договор за точно да се определат некои материјални добра и финансикото функционирање, кои постоеле пред бракот. И добро е да се знае од што се почнува и како ќе се одвива понатаму заедничкото живеење. На пример, доста богати луѓе влегувајќи во брак, склучуваат предбрачен договор со кој јасно ги поставуваат границите на трошењето пари, прво на користење на некои материјални добра итн. Ова често спасува долги, исцрпувачки и многу скапи разводи.

Каде најчесто грешат партнерите во бракот?
– Во бракот може да има најразлични грешки. Ако двајца живеат 10, 30, 50 години заедно, нормално е дека ќе згрешат. Но една од најчестите грешки е лошата комуникација на партнерите. Често партнерите не се слушаат еден со друг, туку си ги слушаат своите очекувања и потреби. И ова навидум не многу страшна грешка води кон катастрофи во бракот.

Што кога партнерите се менуваат во однесувањето и не се такви какви што сме ги познавале?
– Кога некој ќе се вљуби „одбира“ дел од личноста која му се допаѓа и се вљубува во неа. Секако дека ова не е свесен избор, туку нешто во личноста се случува нешто што е повеќе поврзано со несвесното функционирање. Тоа значи дека тој што се вљубил не ги гледа останатите делови на личност во којашто е вљубен/а. Нема контакт со реалноста. Кога ќе потпомине оваа интензивна емоција и ќе се смири хемиската реакција во телото што е предизивкана од вљубеноста, тогаш поминува „селективното слепило“ и почнуваат да се гледаат и оние делови кои предходно биле невидливи. И тогаш се доживува изненадување: се појавуваат нови карактеристики на личноста. Промените можат да се случат и ако еден од брачните партнери и понатаму расте и се развива, додека другиот „стои“. Оној партнер што „стои“, доживува дека повеќе не го познава својот партнер и обратно.
Разговорот е лек за многу работи во бракот, па и за ова. Отворено, во прво лице еднина, без критики и обвинувања, може да се чујат еден со друг и да дојдат до заеднички договори.

Треба ли партнерите да имаат ист систем на вредности?
– Обично партнерите имаат ист систем на вредности. Колки и да изгледа различен женско-машкиот свет, вредностите како хуманост, искреност, верност итн. се битни за оптимално да се функционира во бракот. Различните вредности доведуваат до страдање на брачните партенри или распад на заедницата.

Потребно ли е да постои пријателство пред сè, заедничко „растење“?
– Па, паровите кои долги години се заедно стануваат пријатели и растат заедно. Ако не се случило тоа, тогаш брачните партнерите веројатно се многу несреќни и живеат по некоја инерција. За да опстане бракот, заедничкото растење е важен предуслов за сатисфакција од заедничкото живеење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот