Мицкоски се премисли за Договорот со Бугарија, сега бара нов

Зошто Мицкоски се премисли за Договорот со Бугарија кога го слушнавме во видеото кое бугарскиот премиер Борисов го објави на својот фејсбук-профил, дека го прифаќа.

Политиколозите кои ги консултираше „Слободен печат“ сметаат дека опозицискиот лидер треба да каже што е тоа што опозицијата ќе понуди, а Бугарија ќе прифати во евентуално нов добрососедски договор.

Додека власта и опозицијата се препукуваат на тема: треба или пак не, нов „добрососедски“ договор со Бугарија, политиколозите предупредуваат дека сега не е време за собирање на политички поени.

Според политикологот Митко Гаџовски секој евентуален нов договор би бил полош од сегашниот, бидејќи во изминатиов период сведоци сме на се понеповолни барања од бугарска страна:

– Апсолутно нема причина за нов договор, затоа што секој евентуален „нов договор“ или измена на постоечкиот, би можело да ни нанесе штета, и притоа да не стави во уште понеповолна ситуација, од оваа што се наоѓаме во моментот. Секојдневно гледаме нови барања за отстапки од потпишаното и договореното кои со секој нов ден стануваат се поголеми. Отстапките кои би биле побарани од нас во некој „нов“ наводен договор би значеле полош договор, од овој сегашниот.

Според Гаџовски целта на ваквото барање на опозицијата е собирање на политички поени.

– Бевме сведоци на лична изјава на Мицкоски која ја даде во Загреб на средбата со бугарскиот премиер Борисов. Во неа тој тврдеше дека актуелниот договор за него е прифатлив. До сега не слушнавме од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ што би можел да понуди поповолно во новиот договор, од она што го имаме сега, а што би прифатила Бугарската страна, вели Гаџовски.

Пред нешто повеќе од една година лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски во Загреб на средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов рече дека партијата го поддржува овој договор. Во видеото кое го објави лично Борисов на својот фејсбук*профил го слушнавме Мицкоски (половина на бугарски, а половина на македонски јазик), како го поддржува Договорот.

На прашањето на Борисов: „Дали ВМРО-ДПМНЕ го поддржува Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија?“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече: „Сè што може да биде позитивно и за двете страни, и за Македонија и за Бугарија, ние поткрепиме, тука, исто така, не треба да има дилема“.

Според професорот по политички науки Љупчо Ристовски, сегашниот договор со Бугарија е лош бидејќи содржи многу критични точки за хранење на екстремизмите на официјална Софија. Ристовски вели дека нема потреба за било каков договор со Бугарија се додека нашиот источен сосед не ја прифати реалноста дека и Македонија и Македонците постојат.

– Последниот договор го загрозува правото на постоење на македонскиот народ во етнички контекст без никакви условувања и ограничувања, што е основна норма во областа на човековите права во светот. Оттука сегашниот договор со Бугарија мора да биде повлечен од правниот промет од јавниот живот. Се додека официјална Софија не сфати и прифати дека македонскот народ е посебен во историски контекст без никакви временски ограничувања и условувања , вклучително и сите идентитетски одредници, македонска историја култура и јазик се дотогаш Бугарите задираат длабоко во универзалното право на постоење на македонскиот народ таков каков што се поима себеси. Оттука не ни е потребен никаков договор, бидејќи секој договор е резулатат на преговори, вели Ристовски.

Според Ристовски, европската перспектива треба да ја бараме внатре, со политички гарнитури кои ќе знаат да ја донесат, а притоа форламно да не зависиме од Брисел или од било кој центар на моќ.

– Ни треба ренесанса дома. Така да временото ресетирање на европскиот процес ќе ни овозможи да ги обновиме внатрешнтие врски и да отвориме внатрешни пареспетиви за развој, а тоа е можно само ако овие две гарнитури кои не доведоа до дното, бидат турнати. Тврдам дека за една декада Македонија можеме да ја направиме со сите европски стандарди просперитетна држава. Треба политичка волја знаење и умеење и да си ја сакате таковината, вели Ристовски.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека ако Бугарија продолжи со своите барања, ќе биде потребен нов договор. Мицкоски најави дека ако ситуацијата остане статус кво, на редовниот партиски конгрес кој треба да се одржи несен, ќе побара јасна декларација.

– Ќе излезам и ќе побарам јасна декларација дека никогаш нема да преговараме за посебноста на македонскиот јазик, идентитет, историја. А доколку продолжи соседна Бугарија да инсистира на истото, за нас Договорот со Бугарија ќе биде мртов. Еден договор, ваков договор треба да нуди иднина, а не минато. Овој Договор со Бугарија не нуди иднина“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна социјалдемократите сметаат дека постоечкиот договор со Бугарија е добар и не треба да се менува. Според нив секој нов договор, би им наштетил на државните интереси.

– Мицкоски шест пати паѓа на испитот пред граѓаните и редно е да ја научи лекцијата: Граѓаните му го свртеа грбот, не му веруваат затоа што е препознаен како извор на лажни вести, препознаен како единствен кој е на браникот на криминалот, велат во СДСМ, велат во СДСМ. Според премиерот Зоран Заев со Бугарија не се преговара за македонскиот идентитет и јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот