Мицкоски на Фејсбук ја поддржа „дисидентката“ Мизрахи
Додека синоќа пратениците во Собранието жестоко расправаа за предлогот за разрешување на техничката министерка за труд и социјална политик, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Фејсбук објави фотографија со, како што рече, дисидентката Рашела Мизрахи.
Синоќа по повеќечасовна расправа, Собранието со 62 гласа „за“ и 26 гласа „против“ ја разреши техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.
Разрешувањето на министерката следуваше откако техничкиот премиер Оливер Спасовски до Собранието достави предлог за разрешување, поради тоа што министерката неколку пати одржа прес-конференција во министерството пред табла со името Република Македонија.
Според Спасовски, министерката го прекршила Уставот и така ги загрозила европските интеграции на Македонија, а Мизрахи рече дека таблата во Министерството ја затекнала кога ја преземала функцијата од поранешната министерка Мила Царовска.