Мицкоски за извештајот на ЕК: Ако ги направиме уставните измени ќе бидеме најдобри, па ќе добиеме ново вето

Тој не се согласува дека други земји од регионот се пред Македонија, нагласувајќи дека нашата земја е многу понапред од Албанија во осум области и покрај тоа што дел од еврокомесарите давале такви изјави.

„Ако ги направиме уставните измени ќе бидеме најдобри. Тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони, фронтранери, па потоа ќе добиеме ново вето и нови проблеми“ – ова беше дел од коментарот што премиерот Христијан Мицкоски го даде во врска со Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија за 2025 година во кој се нотира дека земјава не направила обид за усвојување на уставните измени.

Мицкоски вели дека ако се тргнат настрана уставните измени, тој е исклучително задоволен од забелешките во Извештајот бидејќи, како што вели, земјата не назадува.

„Има стагнација во неколку области, знаеме сите кои, тоа е владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата. Нон стоп зборувам дека се потребни промени во Судскиот совет и во обвинителството. Сега по завршувањето на изборите многу посериозно ќе се занимаваме со таа тема. Во сите други области има одреден мал напредок или значителен напредок, така што Извештајот генерално можам да го оценам како добар“, вели Мицкоски.

Тој не се согласува дека други земји од регионот се пред Македонија, нагласувајќи дека нашата земја е многу понапред од Албанија во осум области и покрај тоа што дел од еврокомесарите давале такви изјави.

„Кога ќе се анализира состојбата и подготвеноста на државите – објективната оценка е дека Црна Гора е прва, второ место сме ние и Србија, па потоа доаѓаат Албанија, БиХ, Косово. Но, треба да работиме и ќе работиме. Јас апсолутно сум фокусиран на реформите, оваа влада е реформска и ме охрабруваат пораките за реформите во делот на економијата, борбата против перењето пари, воведувањето заеднички платежен систем, царина, роаминг фри. Тоа ќе биде имплементирано така што има многу работи кои треба да се пофалат и тоа ме охрабрува“, посочи премиерот.

Во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2025 година што пред два дена го објави Европската комисија, се нотира дека земјата треба да ги спроведе основните реформи поврзани со Европската Унија, како и усвојување на релевантните уставни измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година.

Наместо да се приближуваме кон стандардот на ЕУ, ние се оддалечуваме, покажува Извештајот на Европската комисија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот