Мицкоски: Очекувам почеток на преговорите со ЕУ за нешто повеќе од една недела

Христијан Мицкоски / Утрински брифинг
Христијан Мицкоски / Утрински брифинг

Очекувам земјата да ги започне преговорите со ЕУ за нешто повеќе од една недела од денеска, затоа што тоа го заслужи не само поради реформите, туку едноставно, поради сето она што го направија македонскиот граѓанин и Македонија заслужија да има почеток на преговорите, изјави денеска во Штип лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Ние ги споделуваме тие вредности со ЕУ и навистина ова е крајно време ЕУ на дело да ги покаже своите вредности и да ги напушти оние хегемонистички барања на нашиот источен сосед коишто немаат никаква врска со европските вредности, туку тоа се едни барања коишто се можеби соодветни за 2-3 века во минатото, а не за два или три века во иднината, порача Мицкоски.

Прашан дали опстојувањето на сегашната Влада зависи од почетокот на преговорите, Мицкоски одговори дека „векот на оваа Влада зависи од тоа колку побргу ќе се вразумат дека во суштина се нефункционални”. Според него, решението е во „брзи избори час поскоро”, со цел „државата и граѓаните да излезат од оваа политичка, економска и енергетска криза”.

Мицкоски оцени дека влегувањето на Алтернатива во парламентарното мнозинство и во Владата е „последниот чин на обидот за уништување на Македонија во режија на Зоран Заев и СДСМ”.

– Ова што го гледам, а што се случува изминативе денови претставува политичка некултура и препелкање на самиот Зоран Заев и СДСМ и обид колку толку да го продолжат својот политички век на траење на неколку недели, изјави Мицкоски.

Според него, политиката се свела на трговија „како на зелен пазар”, наместо да се зборува за стратегија за визија, вредности, проекти, развој, а дебатата се сведува на тоа кој колку добил министерски и директорски места и членови во управни и надзорни одбори.

– Мојата порака е конечно овие политичари да се вразумат, да се стават над ситуацијата, да не ги гледаат своите интереси, да работат за интересите на народот и за интересите на Македонија, бидејќи навистина работата е веќе дојдена до крајни граници, вели Мицкоски.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот