Мицкоски и Фројд
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, деновиве објави видео на кое се гледа претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, заедно со неговите деца. Објавата беше насочена кон дискредитација на синдикалниот лидер, со обвинување дека ги превезувал децата со службено возило на ССМ. Притоа, Стојаноска не појасни кој го направил видеото и на кој начин таа дошла до снимката што ја сподели на својот профил.
Препорачано
По обвинувањата на Трендафилов, дека незаконски бил сниман со неговите деца, премиерот Христијан Мицкоски застана во одбрана на пратеничката Дафина Стојаноска, па спомна крвави белки и зеници (не знам како зениците може да бидат крвави), напади на мајки, сестри, сопруги… а и пак го спомна Фројд.
„На видеото никој не ги покажува малолетните деца на господин Трендафилов, напротив, јас колку што можев да видам, многу е внимавано на тоа“, ги пофали Мицкоски креаторите на видеото, па продолжи: „За сите оние навреди што ги кажа, пратеничката Дафина Стојаноска во најмала рака заслужува да добие извинување. Сето она што го кажа, по оној фројдовски модел, претпоставувам во него работи потсвеста, длабоко го мисли за себе“, рече тој за Трендафилов.
Мицкоски е добро познат по неговите „досетливи и мудри изјави“ – еднаш рече дека „за танго требаат двајца“ во контекст на спорот со Бугарија, имитирајќи го Трамп, другпат дека „Бугарија го премина Рубикон“, (ВМРО-ДПМНЕ во соопштение напиша „рубиконот“ – веројатно мислеле дека е коцка, а не река). Спомнувал и подземни (?) сили што го гонат сегашниот градоначалник на Карпош. Но, на премиерот најомилен му е Фројд. Честопати, во обид да биде духовит, тој знае да го спомне втемелувачот на психоанализата. Сепак, првпат можеби е духовито, вторпат е „ајде“, но потоа станува некако кичесто. Секој духовит лидер треба да има арсенал од досетки.
Лесно е секој што нѐ обвинува, да го обвинуваме дека проектира. Но, дури и да играме така, мора да има смисла тоа што го зборуваме. На пример, како Трендафилов длабоко го мисли за себе сето тоа што го рекол за Стојаноска? Дека е гневен бидејќи бил сниман со камера додека влегувал во колата со децата и бара кривична одговорност? Демек, Трендафилов потајно снима други луѓе?
Налет тоа, дали потсвеста работи и во премиерот или тој е отпорен на Фројд?


