Мицевски ја одби поканата од Лога за средба: Ќе нема мнозинство за измените на Законот за јавно обвинителство

Никола Мицевски
Никола Мицевски / Фото: Фејсбук, Никола Мицевски

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски ја одби поканата од министерот за правда Кренар Лога денеска да учествува на координативна средба за Предлог – законот за дополнување на Законот за јавното обвинителство. Мицевски информира дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржат измените на законот, бидејќи Лога во процесот на измени на битен закон ги вклучува формално, а не суштински, односно на веќе изработе предлог. Ова значи дека измените на Законот за јавно обвибнителство нема шанси да поминат бидејќи треба да се донесат со двотретинско мнозинство.

-Целта и причината за одржување на оваа средба е обезбедување на инклузивност во процесот и можност на пратениците да дадат свои сугестии и предлози кои ќе бидат од особено значење во процесот на финализирање на Предлог законот !? И дотука, навидум сето ова е во ред. Но замката и проблемот не се во формата, туку во суштината и искрената намера. Крајно несериозно и некоректно е за ваков важен Предлог на закон, Владата и пред се’ Министерството за правда, народски кажано во 5 до 12 да се сетат да ја поканат и вклучат најголемата пратеничка група во Собранието за учество во носењето на овој закон. Проблемот е во тоа што поканата за „инклузивност на опозицијата во овој процес“ ја упатуваат за веќе готов материјал и после изготвување на текстот на законот – вели Мицевски.

Тој додава дека многу важно е оти измените и дополнувањето на Законот за јавното обвинителство Собранието ги носи со двотретинско мнозинство што значи дека без пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, финализирање на овој процес е невозможен.

-Ова е факт кој што власта одамна го знае или требало да го знае. Исто така како што знае или требало да знае дека најголемата пратеничка група во Собранието мораше да биде вклучена во овој процес уште од самиот старт на подготовката на Предлог законот за јавното обвинителство, а не на веќе завршена работа. Токму затоа, сметам дека упатената покана е уште еден јасен показател дека ова е обид за барање на алиби кога власта ќе се соочи со реалноста, а тоа е дека поради нивниот игнорантски однос кон најбројната пратеничка група во Собранието, овој процес нема да успее – дециден е Мицевски.

Тој во својство на координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го информира министерот за правда дека нема да учествуваат во, како што вели, задкулисните игри, бидејќи не сакаат да бидат соучесници во глумата на власта за лажна инклузивност на опозицијата во целиот процес на донесување на Предлог законот за јавното обвинителство.

За секој неуспех на овој важен процес, единствен виновник ќе биде арогантната власт, а не ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – вели Мицевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот