„Ми рече дека не сум личела на депресивна“: Психологот Дора Попова-Узуновски одговора на вашите прашања

драга дора
Фото: Приватна архива

Имате проблем и сакате совет од стручњак? Дора Попова-Узуновски, гешталт психолог и магистер на Психолошки науки во областа на клиничката и советодавната психологија, основач на Центарот за применета психологија „Дора“ во Скопје, ви дава совет како да го решите вашиот проблем.

дора психилог
Фото: Приватна архива

Почитувана, си имам проблем со моето девојче, драстично ја намали телесната тежина, постојано брои калории, јаде како врапче за да не се здебели, не вечера, не јаде шеќер, тестенини… да кажам, на тревки и билки е. Мислам дека има погрешна слика за себе и за своето тело, постојано се расправаме околу тоа дали е дебела или не. Секако дека е преслаба! Има 18 години, а до лани ова време беше полничка. Сум читала многу за анорексијата и младите, па ве молам, одговорете ми – можно ли е да има аноркесија?

– Почитувана мајко, Според симптомите кои ги опишувате, постои веројатност да се работи за дијагноза на
анорексија кај вашата ќерка, меѓутоа сепак би требало да посетите психолог и психијатар со цел да се утврди истото. Кога е во прашање анорексијата, тука не станува збор за храната како проблем, туку сосема нездрав начин на личноста за справување со емоционалните проблеми. Луѓето кои страдаат од анорексија, а во поголем процент тоа е дел од женската популација, својата себе-вредност ја идентификуваат со тоа да се биде слаб/а. Многу веројатно е дека самодовербата на вашата ќерка е ниска и таа има тежнение кон перфекционистички изглед. Својата слика за себе и својата вредност како личност ја
условува од изгледот. Пожелно е што побрзо да посетите терапевт, лечењето на анорексијата е бавен процес, бидејќи личноста треба да промени голем дел од менталните ставови за себе, со цел да се ослободи од товарот. Исто така, потребно е да се обезбеди поддршка за целото семејство, бидејќи тоа е неизоставен дел од начинот на справување со проблемот.

Здраво Дора, јас сум Н. од Скопје и во последно време се борам со депресијата. Посетував еден психолог, не би сакала тука да го споменувам, и ми кажа дека „не сум личела на депресивна“, па не ми препиша некои посебни лекови. Кои се најдобри лекови против депресија?

– Почитувана, Психолог секако нема ни право да препише лекови, тоа е работа на психијатар. Психологот терапевт може само да ве води низ процесот на психотерапија. Како и да е, вие велите дека се борите со депресијата, а психологот ви рекол дека не личите на депресивна. За почеток може да се обидете со друг психолог – психотерапевт, не мора да се потпирате само на едно мислење и на едно искуство. Во однос на вашето прашање кој е најдобриот лек против депресија, одговорот е искоренување на депресијата, а фармакотерапијата има за функција само да ги ублажи симптомите, но не и длабински да го реши проблемот. Токму од таа причина често се препорачува да се комбинираат психотерапијата и фармакотерапијата барем одредено време, па потоа во зависност од капацитетите на личноста може и да се прекине со фармакотерапијата, доколку се воспостави дека личноста има капацитет да продолжи без неа. Во секој случај, кога зборуваме за депресијата, она што е битно да се знае е дека таа е резултат на длабоко потиснати и наталожени негативни чувства на лутина и тага во личноста која за жал од некоја причина нема внатрешна дозвола да ги изрази. Тие чувства може да доаѓаат од различни причини  Преживеана траума, незадоволство од животот, негативни искуства во раното детство итн. Меѓутоа сликата на депресијата исто така може да варира од лесна до многу тешка. Нејзините корени може да бидат скорешни или дамнешни. Повторно тоа зависи од целокупните капацитети на личноста и колкав здрав дел во личноста е сочуван. Може да биде епизода или хронична состојба. Колку подолго време состојбата останува, толку повеќе се фиксира и на психолошко и на физиолошко ниво. Затоа, мојата препорака до вас е што поскоро да побарате стручна помош, со цел да може да го почнете својот
процес на лекување.

Дали би сакале анонимно да поставите прашање? Пишете ѝ на Дора за тоа што ве мачи, на: [email protected] или [email protected] со назнака „Драга Дора“, или преку писмо на адресата „Ристо Шишков“ број 20, Скопје, а ние ќе го објавиме нејзиниот советодавен одговор, или директно контактирајте ја во Центарот за применета психологија „Дора“, на телефонскиот број 075 310 781.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот