Месецов секој трет ден ме напаѓаат кучиња скитници, сведочи тетовецот Агрон Арифи кој беше брутално нападнат од глутница

Агрон Арифи/Фото: Скриншот

За десет дена трипати сум нападнат од кучиња скитници, сведочи тетовецот Агрон Арифи, за кого се појави снимка, како го напаѓаат глутница агресивни кучиња скитници.

За „Слободен печат“ Арифи раскажува дека болките ќе поминат, но траумата останува. „Опасноста и стравот од овие агресивни кучиња е кај секој жител во нашето маало, во близина на Основното училиште „Истигбал“ во Тетово“, вели тој.

„Како што заладува времето така и кучињата се се поагресивни. Во последниот напад извлеков жива глава, благодарение и на двете лица од моето мало кои ми помогнаа, но тука поминуваат жени и деца чија безбедност е многу загрозена“, раскажува теовецот.

– Во летните месеци неколкупати бев напаѓан додека се шетав, но сега овој месец, сѐ почести се тие напади. Има едно агресивно куче со кое можев да се справам, но сега има огромна група на кучиња скитници кои се појавуваат во вечерните часови, најверојатно во потрага по храна и го напаѓаат секој човек кој ќе помине на тоа место. Добро е што се појави таа снимка, да видат луѓето и надлежните колку е опасна ситуацијата со кучињата скитници, оти некои не веруваат, а во полицијата кога ги пријавував случаите, некои од вработените и ми се смееја. Не се важни моите повреди, важно е да се апелира и институциите да преземат нешто во врска со овој проблем, но очигледно според состојбите на терен, тие ништо не преземаат, вели Арифи.

Тој ваквите случаи ги пријавувал и во Општина Тетово и во здружението „Амос шелтер“, кое го има добиено тендерот за згрижување на кучињата, но бадијала, оттаму не добил никаков повратен одговор.

Од СВР Тетово велат дека кучињата скитници се голем проблем во градот.

– Има периоди кога нема ден да не помине без случај на напад или каснување од куче или кучиња скитници. Најопасни се во вечерните часови, а ги има на главните булевари и улици центарот на Тетово, каде се во потрага по храна околу контејнерите и рестораните, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Тетово никако да се спаси од овој проблем. Граѓаните велат дека кучињата често се агресивни, а голем дел од нив и се донесени од другите градови.

Општина Тетово на тендер избра здружение за третирање на уличнирњ животни, но одобрените средства за оваа намена се минимални. Ќе се згрижат осумдесетина кучиња, а на улица ќе останат стотици други, бидејќи се одобрени само 20.000 евра.

Градоначалникот Биљал Касами вели дека средствата се мали, но проблемот ќе се решавал „чекор по чекор“.

Инаку од Центарот за полошки плански регион пак, велат дека се работи на регионално решавање на проблемот со кучињата скитници. Планирана е изградба на стационар за бездомните животни, наменет за целиот полошки регион, а како можна локација е посочена општината Врапчиште, во гостиварско.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот