Месецот на франкофонијата почнува со танц-претстава на француската група „К-данс“
Францускиот институт во Скопје и Културниот центар „Интерарт“, по повод отворањето на Месецот на франкофонијата и во знак на предотворање на „Танц фест“ го организираат гостувањето на танцовиот спектакл „F_AI_LLE“ на француската танцова група „К-данс“. Претставата ќе биде изведена во вторник, 10 март 2026 година, во 20 часот, во Македонскиот народен театар.
Препорачано
Танцовата претстава „Процеп“ („F_AI_LLE“) е истовремено и интерактивна инсталација што го истражува дијалогот помеѓу човечкото тело и вештачката интелигенција.
На крстосницата помеѓу современиот танц и дигиталните истражувања, ова дело ја преиспитува нашата врска со нормите, технологијата и креативноста. Секој учесник станува кокреатор и сведочи уникатно уметничко дело што се менува во зависност од сопственото движење и односот кон вештачката интелигенција.
Во рамките на посетата на трупата се реализира и програма на работилници од 9 до 13 март во неколку градови низ земјата – Скопје, Битола, Куманово и Тетово – под водство на кореографот Жан-Марк Матос. Работилниците се наменети за актери од областа на танцот, млади изведувачи и наставници по француски јазик.
Овој проект, поддржан во рамките на програмата „Дигитални уметности“ на Францускиот институт, ја истакнува продукцијата на современото франкофонско творештво и ги зајакнува уметничките соработки помеѓу Франција и Северна Македонија.
Културниот центар „Интерарт“ оваа година бележи 30 години од основањето, 15 години Скопје танцов театар, а 22 издание на „Танц фест Скопје“ ќе се одржи на 18 април до 5 мај. На отворањето на 18 април ќе настапат Ѕвезди на париската опера, а ќе биде доделена и наградата „Роксан Стојанов“.


