Медведев со нови закани кон НАТО: Не ни остануваат многу опции, подготвени сме за директна конфронтација

Медведев повеќе пати се заканува со нуклеарниот арсенал - Фотографија ЕПА, Екатерина Штукина

Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев на својот Телеграм ги коментираше актуелните настани поврзани со војната во Украина. Како клучни настани тој го претстави доаѓањето на тенковите Абрамс во Киев, претстојната испорака на ракетите со долг дострел и оддавањето почит на поранешниот нацист Јарослав Хунка во канадскиот парламент.

„Изгледа дека на Русија и остануваат сè помалку опции освен директна конфронтација со НАТО на терен. НАТО се претвори во отворено фашистички блок како оската на Хитлер, иако во поголем обем. Ние сме подготвени, иако резултатот ќе биде постигнат на многу поголема цена за човештвото отколку во 1945 година“, објави тој.

Медведев неодамна ги обвини Соединетите Американски Држави и Европската Унија дека го приближуваат светот до голема војна преку „поттикнување терор“ во пограничните области на Русија. По тој повод, тој потсети дека не може да има победник во новиот глобален воен конфликт, потсетува „Москва тајмс“ .

Американскиот помошник за национална безбедност Џејк Саливан во мај оваа година објасни дека САД, додека му помагаат на Киев со оружје, го следат одговорот на Москва за да се спречи ескалација. „Основната позиција на претседателот Бајден е дека имаме намера да направиме се што е можно за да ја поддржиме Украина да го брани својот суверенитет и територијален интегритет“, рече тој тогаш.

„Ние имаме намера да дејствуваме на таков начин за да избегнеме трета светска војна“, додаде тој.

Американскиот претседател Џо Бајден призна во првите денови од руската инвазија на Украина дека одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да започне војна му предложила избор.

„Имаше две опции: да започне трета светска војна, односно физичка војна со Русија, или да се погрижи земјата што дејствува спротивно на меѓународното право да ја плати цената за тоа“, објасни тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот