Масовни, но мирни протести во Атина

Фото: МИА

Без проблеми и без инциденти, масовно и под дожд завршија протестите во центарот на Атина во рамките на генералниот штрајк организиран од грчките синдикати.

Со слогани против владата, плакати против законот за раст што планира да го донесе грчката влада, но и против приватизациите, Грците маршираа низ улиците во центарот на Атина, се до грчкиот Парламент, на првиот генерален штрајк, откако во јули годинава имаше промена на власта во Грција.

Едниот протест беше организиран од синдикатот на вработените во државниот сектор и различни федерации и здружениј на вработени, а другиот од синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија.

Дописничката на МИА од Атина поразговара со дел од демонстрантите кои објаснија зошто денеска решија да учествуваат во протестот, но и зошто се против законот што владата во следниот период планира да го донесе во грчкиот Парламент.

– Наводниот закон на владата ги срамнува со земја работничките права, удира по синдикатите по логиката на недостоинствен неолиберален развој што сака да го донесе. Бараме да се повлече законот што ги поништува работничките права, отвора електронски досиеа за синдикалцте, предвидува електронско носење одлуки за штрајк, наместо преку генерални собранија и носи мерки на товар на работниците какои и змени во колективните договори – вели член на грчката федерацијата на наставници.

– Очекуваме да не се имплементира овој закон бидејќи не се однесувасамо на вработените во јавниот сектор. Ако ги погоди државните службеници, ќе го погоди и приватниот сектор. Затоа, ние имаме поголем дел од одговорноста да го запреме овој закон. И не е само за нас, туку и за следните генерации – вели за МИА вработена во државната администрација.

-Владата, го нарекува закон за раст, но единствено што прави е да ги задоволува барањата на работодавачите. За вистински да постои раст и развој за сите, владата треба да го повлече конкретниот закон, вели вработена во атинска општина.

Денешниот генерален штрајк го поддржа и опозициската СИРИЗА, а на протестот во Атина, присиствуваа и поранешни и сегашни пратеници од партијата.

Штрајкот, како што соопштија синдикатите, е одговор на планот на владата, во Парламентот да донесе закон што содржи измени во законот за синдикатите, за колективните договори и здравственото осигурување и паралелно бараат покачување на платите и пензиите, постојани вработувања и запирање на приватизациите.

– Правото на штрајк е последно оружје на работниците и мораме да го браниме со сите наши сили. Не може да се отстрани правото на сите за јавно здравствено осигурување и се бориме за владата, да не го донесе во Парламентот за гласање, законот за приватизација на дополнителното осигурување, соопштуваат од синдикатот на вработените во јавниот сектор на Грција, кои воедно се главните организатори на штрајкот.

Во 24-часовниот штрајк што започна утрово учествуваат вработените во јавниот сектор, во државните болници, во здравствените центри и итната помош, како и службениците во банките.

Федерациите на вработените во образованието, ги повикуваа воспитувачите, наставниците и професорите да учествуваат во штрајкот.

Новинарите и вработените во приватните и државните медиуми од 12 до 15 часот имаат тричасовен прекин на работа и во тој период не се емитуваат вести.

Бродовите од 6 часот утрово се закотвени на пристаништата, а проблеми има и во јавниот превоз во Атина, со оглед на тоа што автобусите тролејбусите учествуваат во 24-часовниот штрајк, метрото ќе сообраќа од 9 до 21 часот, а трамвајот од 7 до 23 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот