Ескобар: Посетата на Си на Белград ги зголемува тензиите помеѓу Србија и Западот

Габриел Ескобар / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија во заминување Габриел Ескобар денеска изјави дека посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Белград ги зголемува тензиите меѓу Србија и Западот.

Тој на онлајн прес-конференција истакна дека е „нездраво“ да се подигнат тензиите меѓу Србија и Западот и ги повика партнерите „да бидат внимателни кон агендата на Кина во Европа“.

Ескобар посочи дека за интеграција на Србија во трансатлантската заедница се неопходни помирување, владеење на правото и добри односи со сите соседи.

Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан се осврна и на односите помеѓу Србија и Москва, наведувајќи оти би било „погрешно да се толкува дека Русија е причина за проблемите на Балканот“.

– Русија ги користи проблемите на Балканот, но тие постојат 25 години. Со решавање на проблемите го затвораме просторот за Русија да има влијание во регионот, посочи Ескобар.

Тој се спротивстави на денешниот став на косовскиот премиер Албин Курти дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) во Косово и влезот на Косово во Советот на Европа треба да бидат посебни процеси.

– Тие два процеси се многу поврзани, бидејќи Советот на Европа се занимава со правата на малцинствата, а Косово се обврза да формира ЗСО. Го охрабрувам Косово да соработува тесно со американските и европските партнери за да постигне напредок, наведе Ескобар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот