МАМАВИЗИЈА | Аврамовска Николовска: Не се трошете на породувањето, чувајте ја енергијата, тешкото доаѓа потоа
Водителката Јована Аврамовска Николовска за првпат пред јавноста ја раскажа својата приказна за мајчинството. Таа е мајка на слаткиот четиригодишен фраер Илин и сопруга на Предраг. Како што вели за „Мамавизија“, мајчинството не е лесно, но носи изобилство од убавини и среќа.
Препорачано
Аврамовска Николовска ги советува идните мајки да се штедат себеси за време на породувањето, да се потрудат да не врескаат, како што вели, за да си ја сочуваат енергијата којашто по тој ден ќе им биде многу потребна.
-Мене многу ми е интерсно како е претставено породувањето во филмовите, вистинска драма и одеднаш гледате сцена мајката смирено со бебето во рацете. Не е баш така, драмата доаѓа откако ќе се породите, а никој не го објаснува тоа. Тоа е само еден ден, и ќе помне. Јас паметам што ми викаа сестрите кога се пораѓав. „Не викај мајка, не се троши, чувај си ја енергијата за после, ќе ти треба“. И во право се, откако ќе заминете со бебето дома, тогаш почнува тешкото – вели таа.
Спиењето првите 40 дена со бебе дома, е хорорфилм, се присетува Јована, за која тоа бил најтешкиот период откако станала мајка.
-Драги родители, ако сте нервозни, тоа ви е затоа што сте ненаспани – рече таа.
Аврамовска Николовска раскажа со што се соочила на работа кога соопштила дека е бремена.
-Мојот работодавец многу се израдува кога го известив дека сум бремена. Неговата реакција беше дека тоа е очекувано кога се работи со млади луѓе и дека не треба да се грижам за моето работно место. Ова треба да биде пракса во секоја фирма, бидејќи верувајте ми дека една трудница или мајка работи многу помотивирано затоа што мисли на своето дете, дека треба да му обезбеди егзистенција, затоа кога ќе добие ваква поддршка ќе работи многу повеќе, дупло. Сакам да апелирам работодавците да имаат разбирање за идните мајки – вели нашата соговорничка.
Патронажна сестра, што е тоа?
На Аврамовска Николовска не ѝ е познат процесот со патронажна сестра.
-Мене патронажна сестра не ми дојде дома никогаш! Не ми се јавија ни да ме прашаат дали сум жива. Не знам како изгледа тој процес што е неопходен за новите родители. Не ги обвинувам сестрите, тие се најмалку виновни што има недоволен број. Ние немавме поим од ништо. На Јутјуб учевме како да го бањаме бебето – низ смеа раскажува таа.
Со неа ја начнавме и темата за македонските градинки, со фокус на јаслите како еден горлив проблем во нашето општество. Како што вели Аврамовска Николовска, мора од корен да се променат условите, бидејќи тоа игра клучна улога за многу сегменти во општеството.
-Недостасува кадар, имаме лоши услови, оттаму децата штом тргнат во градинка редовно се болни. Треба да позајмиме примери од некои од развиените земји каде што јаслите се совршено организирани – вели таа.
Нашата соговорничка се присети и на своето детство и направи споредба колку денес наликува на нејзината мајка. Јована сподели и интересни трикови за тоа како да го научите бебето на одредени вештини во развојот. Гледајте премиерно „Мамавизија“ секоја среда во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Автор и водител е Александра Вуксановиќ.


