“Мал Шенген” – замена за ЕУ за Балканот, создавање на Нова Југославија или добра иницијатива

Отворен Балкан / Фото: МИА

Доколку на „Малиот Шенген“ се гледа како на царинска унија, тоа би бил позитивен чекор за реинтеграција на регионот, но не како нова држава туку како единствен пазар.

Во едно од последните јавни гостувања претседателот на Р.Србија, Александар Вучиќ најави скоро интензивирање на иницијативата за “Мал Шенген” помеѓу Србија, Албанија и Македонија. Интересно е дека Вучиќ сега најавува и своевидно ребрендирање на целиот проект бидејќи и неколку пати претходно кажа дека придавката “Мал” не звучи добро за името на планот бидејќи тој во основа има големи намери.

Затоа Вучиќ, Рама и Заев ќе представат ново име за иницијативата кое е веќе договорено и одобрено меѓу трите страни. Евидентно е дека реактивирањето на релативно заспаниот план за “Мал Шенген” доаѓа после најновата европска блокада за почеток на преговори за Албанија и Северна Македонија но и одлуката да не се отворат нови поглавја со Србија и Црна Гора што значи дека Брисел има подигнато рачна кочница на целиот процес на проширување. Сега балканските држави кои произлегуваат од екс Југославија плус Албанија со право се чувствуваат обеспревени во целиот процес, бидејќи за волја на вистината тие направија се што бараше Унијата и повторно се оставени да чекаат поради проблемите на самата Европа.

Што се однесува до Македонија тука проблемот е уште поголем бидејќи земјава со Преспанскиот договор го смени своето име но насока да почне преговори со ЕУ. Берлин и Париз во однос на земјава одиграа една нечесна и валкана игра и после сите ветувања и сигнали да се потпише договорот, официјално Скопје сепак извиси за почеток на преговори, еднаш поради Франција и сега два пати поради Бугарија.

Српскиот претседател Вучиќ знае често да каже дека му е смешна помислата дека Македонија ја блокира само Бугарија, но вели не е негово да каже која или кои земји всушност стојат зад блокадата. Сега македонскиот пример се користи и од Вучиќ во укажувањето на лажните ветувања на Европа и неможноста да се потпре на изјавите на Брисел при решавањето на косовското прашање.

Длабока разочараност и отворена резигнираност кон ЕУ веќе укажуваат и Еди Рама и Зоран Заев, но интересни се пораките и на американците дека со отварањето на преговорите за Албанија и Македонија, Европската унија ќе го поврати кредибилитетот на Балканот. Значи може да се заклучи дека никој веќе во регионот, а и пошироко не и верува на унијата и Брисел во моментов има силен проблем со својот кредибилитет кој е оправдано оспорен.

Во целата таа надолна констелација на односи меѓу Западниот Балкан и ЕУ се случува реактивирањето на договорот за “Мал Шенген”. Претходно Косово, Црна Гора и БиХ не сакаа да се вклучат во планот плашејќи се од српката доминација во проектот и мирисот на некоја нова Југославија која можеби стои како крајна цел и истата би требало да биде замена за пропаднатиот европски пат. Дури и името на планот асоцира на некакво мини европско организирање.

Но доколку погледнеме постуштински во иницијативата јасно е дека стравовите за некакво ново државно организирање се неоправдани и нереални и не постои никаква основа за создавање на нов државен субјект.

Всушност главната идеја зад Малата Шенгенска декларација е да се отстранат бариерите за движење на стоки, услуги и луѓе меѓу земјите од Западен Балкан и доколку ја ставиме настрана политиката тоа е навистина добро за бизнисот. Инцијативата предвидува слободно движење на стоки, подобрување на процедурите и инфраструктурата на граничните премини, слободно движење на луѓе, движење на лица со лична карта и низа други договори кои треба да овозможат слободно движење на капитал за да се зголемат инвестициите низ целиот регион. Проектот треба да значи поевтини производи и услуги, со помалку документи, што треба да придонесе за поголема економска соработка.

Покрај тоа, Србија, Северна Македонија и Албанија ќе бидат претставени како единствен пазар пред странските инвеститори. Доколку на „Малиот Шенген“ се гледа како на царинска унија, тоа би бил позитивен чекор за реинтеграција на регионот, но не како нова држава туку како единствен пазар. Сигурно е дека подобрената бизнис клима ќе има и позитивно влијание врз економскиот раст а со тоа и зголемување на животниот стандард на луѓето. Земјите би воспоставиле и заеднички систем за реагирање во итни ситуации, па така при природна или временска непогода во Драч, Зајечар или Валандово би се активирале ресурсите на трите држави со што ќе се создаде многу поефикасен систем на реакција.

Гледејќи ги предностите на иницијативата речиси и да не постои аргумент против за истата, и одбивањето на Црна Гора, БиХ и Косово да се вклучат има само политички, а не суштински причини. Северна Македонија од своја страна веќе најавува интензивирање на соработката со САД во рамките на договорот за стратешко партнерство, а „Малиот Шенген“ е добредојден како уште една алатка за подобар живот на луѓето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот