Македонските ракометарки обезбедија пласман на Европското првенство 2026
Денеска во својот последен, шести натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство, македонската женска ракометна репрезентација на гостински терен во Велење загуби од Словенија со 27:18. По првото полувреме, словенечките ракометарки имаа предност од 15:8.
Препорачано
И покрај овој пораз, вкупно петти во квалификацискиот циклус, нашата селекција предводена од Кристијан Грчевски ќе игра на континенталниот собир кој ќе се организира од 3 до 20 декември годинава во пет земји: Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција.
На денешниот меч за нашата репрезентација прв стрелец беше Ангела Јанкуловска со четири голови, по три имаа Ивана Гакидова и Марија Јанкуловска. На спротивната страна пет погодоци запиша Тјаша Станко, а по три имаа Шпела Бајц, Тинкара Коговшек и Марија Ема Маркович.
Нашите најдобри ракометарки благодарение на подобрата гол-разлика во однос на репрезентациите од другите квалификациски групи се најдоа меѓу четири најдобро третопласирани селекции кои исто така обезбедуваат пласман на ЕП.
Главните конкуренти на Македонија на мини табелата со најдобро третопласирани репрезентации претрпеа високи порази во своите дуели. Така, Грција загуби од Австрија со 38:16, Финска претрпе пораз од Франција со 39:16, а Италија беше совладана од Швајцарија со 38:19.
Конечна мини-табела на најдобро третопласирани репрезентации за пласман на ЕП 2026
(во заграда стои гол-разликата)
1.Исланд 2 бодови (-15)
2.Украина 0 (-39)
3.Македонија 0 (-41)
4.Грција 0 (-51)
—
5.Финска 0 (-62)
6.Италија 0 (-69)
Единствената победа во овие квалификации ја остваривме во Куманово над Белгија со резултат 33:28.
Сите 24 учесници на ЕП 2026: Чешка, Полска, Романија, Словачка, Турција, Данска, Норвешка, Унгарија, Шведска, Шпанија, Холандија, Германија, Франција, Словенија, Хрватска, Швајцарија, Црна Гора, Фарски Острови, Србија, Грција, Исланд, Македонија и Украина.
За Македонија ова е ќе биде осмо учество, трето во низа, на европските првенства.
Квалификации ЕП 2026
Група 3
6. коло, резултати:
Германија – Белгија 45:25
Словенија – Македонија 27:18
Конечна табела:
1. Германија 12 бодови
2. Словенија 8
3. Македонија 2
4. Белгија 2


