Македонскиот павилјон во Венеција го посетиле повеќе од 30 илјади посетители

Националната галерија на РСМ, како носител на проектот „Landscape experience“ на авторите Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, истакна дел од импресиите внесени во книгата на впечатоци во Венеција.

Мултимедијалниот проект „Лендскејп експириенс“ (Landscape experience) на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, како македонски претставник на 59. Уметничко биенале во Венеција, пред светската јавност ја претстави „естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, витално-отровно.

Изборот на проектот беше направен од стручна комисија од Министерството за култура на почетокот од 2022 година, кога „Лендскејп експириенс“ ја доби довербата и можноста да биде дел од престижната уметничка манифестација.

Носител на проектот е НУ Национална галерија на Република Северна Македонија, а комесар е д-р Дита Старова Ќерими, директор на НУ Национална галерија. Куратори на проектот се м-р Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија, и д-р Сања Којиќ Младенов, кустос советник во Музејот на современата уметност во Нови Сад, Србија, и кустос во одделението за визуелна уметност на ИФА, Берлин.

Целиот контекст на поставката е парафразирaн во првата реченица, односно во првиот пасус од кураторскиот текст: „Човекот е единственото суштество што свесно се однесува кон своето постоење“ и тој е појдовна мисла околу која се гради повеќеслојноста на овој мултимедијален проект, проблематизирајќи ја на суптилен начин комплексноста на човекот како создавач и разурнувач, неговите еколошка и политичка свесност, како и смислата на нашата егзистенцијална одговорност.

Во текот на петте изминати месеци и публиката и критиката го дадоа својот збор. Виторија Бјази, историчар на современа уметност, критичар и професор по историја на современа уметност на Академијата за ликовни уметности во Фиренца во својот осврт напиша: „Потрагата по човештвото, стигна до идејата за божественото со единствениот пат на мислата, ги премина просторот и времето, давајќи концепти на вечност, љубов, живот. Одразот на уметниците тече меѓу различните постоења и, размислувајќи за слободната волја, на Сартровиот концепт за слобода во смисла на личен избор, ги доведува во прашање противречностите на постоењето докажано од историјата на човештвото. Големите прашања на уметноста, на поезијата, се отелотворени во сликите, во предметите кои се дух на животот, илузија или болка за да се напише друга приказна“.

Покрај зборот на стручната критика, од особено значење за авторите и за носителот на проектот се емоциите на „обичната“ публика

Покрај зборот на стручната критика, од особено значење за авторите и за носителот на проектот се емоциите на „обичната“ публика, која ги пренесе во пораките во книгата на впечатоци. Пораките изобилуваат со зборови на пофалба за реализацијата на уметничкиот концепт, фасцинираност од одличниот спој на естетика, како и за опомената за иднината на човештвото.

– Меѓународната медиумска видливост даде сериозен импакт во афирмацијата на работата на авторите Мотеска/Јанкулоски, а резултатите се евидентни со посетеноста на македонскиот павилјон, која надмина рекордна бројка со над 30 илјади посетители – истакнаа од Националната галерија.

Изложбата ќе биде поставена до 27 ноември, до кога трае 59. Биенале во Венеција. Во меѓувреме македонската продукција „Мозаик“, во период од 27 септември до 3 октомври, ќе снима документарен филм за македонскиот павилјон и за овогодишните претставници Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 147, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот