Македонски проект го отвора 19. издание на фестивалот „Балканима“ во Белград

Со проектот „Македонски анимиран филм 1971-1991“ на 4 октомври се отвора 19. издание на „Балканима“ – Европски фестивал на анимираниот филм, кој ќе се одржи до 9 октомври во Белград.

Македонскиот проект се состои од изложба на артефакти и филмска проекција на кратки анимирани филмови создадени во периодот од 1971 до 1991 година од пионерите на македонскиот анимиран филм: Петар Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов, Делчо Михајлов, Афродита Марковиќ, Мице Јанкуловски, Славољуб Игњатовиќ, Мирослав Грчев и Милутин Рогановиќ.

„Македонски анимиран филм 1971-1991, Помеѓу златна доба и заборав“ се обидува да ја пополни празнината, да ја запознае денешната јавност со делата на авторите и да им даде признание на пионерите и великаните на македонскиот анимиран филм. Реализацијата на проектот е на Иван Ивановски, заедно со Друштвото на филмските работници на Македонија во соработка со Слободан Јаќоски, Кинотека на РСМ и „Вардар филм“.

Иван Ивановски работи скулптури, цртежи, инсталации, фотографии, видео, филм и анимација. Дипломирал на отсекот вајарство на ФЛУ – Скопје, а студирал и на Академскиот програм за режија на Ф.А.М.У. во Чешка.

Слободан Јаќоски е филмски промотер и истражувач. Има реализирано пет филмски кампањи: „Исцелител“ (2017), „Бикини Мун“ (2017), „Година на мајмунот“ (2018), „Ej!“ (2018) и „Врба“ (2019). Јаќоски работеше и на промоцијата на наградуваната кампања за телевизиската серија „На терапија“ (2017).

Главна цел на Европскиот фестивал на анимираниот филм „Балканима“, кој постои од 2004 година, е претставување на европски авторски и студентски кратки анимирани филмови, со аспект на промоција на српската и балканската анимирана сцена. Фестивалот е од натпреварувачки карактер, а во работата на жирито учествуваат аниматори, филмаџии, теоретичари и визуелни уметници од Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот