Македонски ЛГБТИ-филм ги возбуди бугарските конзервативци: Протест и контрапротест за краткометражниот филм „Змија“

Андреј Илиевски-Волкашин
Фото: филмски печат

Една деценија по играниот филм „Трето полувреме“, на Дарко Митревски, во бугарската јавност повторно се јавија критички тонови за македонски филм. Овој пат не поради историско-политички контекст за улогата на Бугарија, каков што беше во случајот со „Трето полувреме“, туку поради тематиката што ја обработува филмот „Змија“ на македонскиот режисер Андреј Илиевски-Волкашин. Еден од најгласните беше бугарскиот европратеник од редот на конзервативците Ангел Џамбаски, кој поднел и писмо до Државната агенција за заштита на детето, со појаснување дека филмот пропагира педофилија.

Станува збор за краткометражен филм, кој досега посети триесетина фестивали и собра неколку награди. Tемата е невообичаено пријателство меѓу деветгодишно дете и ексцентричен геј.

Волкашин е млад режисер што живее и работи во Берлин. За „Филмски и ТВ-печат“ раскажа дека пред бугарската премиера на филмот се соочил со непознато искуство. На самата премиера, пак, имало протест, но и контрапротест за поддршка на филмот.

Волкашин досега ги режирал краткометражните филмови: „Колива“, „Пст… Запеј ми“, „Фикус“ и други, како и документарни филмови. Во мoментов се подготвува за својот прв долгометражен игран филм.

филм змија Андреј Илиевски-Волкашин
Фото: Од снимањето на филмот „Змија“

На што реагираше дел од бугарската јавност, поточно одредени политички ентитети пред проекцијата на „Змија“?

Премиерата на „Змија“ во Бугарија се одржа во рамките на „Софија прајд филм фест“, еден убав настан предводен од талентирани и храбри луѓе, кои се застапуваат за правата на луѓето од ЛГБТ+ заедницата. За жал, неколку крајно националистички групи во Бугарија, веќе со години бараат најразлични начини да го саботираат фестивалот, и мојот филм им се најде како средство за вулгарна манипулација. Определени групи почнаа да ја распространуваат лагата дека филмот имал (ова жалам што морам да го спомнам) педофилски поттекст, што беше земено подоцна од фанатичната бугарска партија ВМРО (истата таа што неодамна пушташе политички спотови за освојување на Македонија) и беше претставена пред медиумите како факт.

Како ги доживеавте реакциите?

На почетокот не обратив внимание. Тие тврдења се далеку од здравиот мозок. Како може филм кој е наградуван на фестивали за деца и млади, еве како пример ќе го издвојам фестивалот „Петит план“ во Грција каде што неодамна ја добивме наградата за најдобар филм, да има поттекст за такво нешто? Но, во моментот кога филмот се претвори во средство за манипулација на фашистички групи, тоа ме загрижи. Мислам дека е многу опасно тоа што официјални дневни весници почнаа да ја распространуваат лагата на една неонацистичка организација како факт. Тоа е земја членка на ЕУ од 2007 година, во која, основна вредност би требало да се човековите права, но такви екстремни групи и неодговорното распространување на нивните тврдења, шират низ народот омраза не само кон ЛГБТ+ заедницата, а кон буквално сите малцинства во земјата, а во последно време се повеќе и кон Македонија. Но, јас како љубител на комедијата, наоѓам хумор во целата работа, особено затоа што еден од последните проекти на коишто работев е серија за конкурс на германската RTL, каде што се одигрува нешто многу слично на тоа што се случи со „Змија“. Во проектот станува збор, како една апсурдна лага за истребувањето на фиктивната баварска борова невестулка се распространува како факт и предизвикува комичен хаос во мало германско гратче. Не можеше никогаш да ми падне на памет дека нешто слично ќе доживеам со мојот филм. Но, убаво е да се потсетиме дека лажните информации на Фејсбук, се шират четирипати побрзо од вистините.

Андреј Илиевски-Волкашин
Фото: Андреј Илиевски-Волкашин

Како помина проекцијата на филмот?

Пред киносалата имаше насилници што не беа дојдени да го гледаат филмот, туку да се закануваат. Но, имаше и храбри луѓе што организираа мал протест во заштита на уметноста и вистината. Тоа многу ме трогна. Многу луѓе стапија во контакт со мене по филмот за да кажат колку многу им се допаднал. Си велам, еве, додека има вакви луѓе, има надеж за човештвото.

Очекувавте ли дека филмот ќе предизвика вакви реакции, со оглед на тоа што веќе „го прошетал светот“?

По триесетина фестивали и осум освоени награди досега, ни на крај памет не ми падна дека баш во Бугарија ќе се случи нешто такво. Сепак, еве, покрај наградите во Грција, филмот одлично се прифати и во Македонија и во Србија, каде што на осумнаесеттиот фестивал „Филмски фронт“ ја добивме наградата за најдобар филм од регионот. Така што, немав никаква причина да очекувам негативни емоции во врска со филмот во Бугарија.

филм змија Андреј Илиевски-Волкашин
Фото: Кадри од снимањето на филмот „Змија“

Дали Балканот не само како географија, туку и културолошки е доволно сензибилизиран за прашањата поврзани со ЛГБТИ заедницата?

На Балканот сите знаеме дека не се прославивме ниту со толерантноста ниту со прогресивноста. Многу луѓе се повикуваат на традициите да ја оправдаат својата омраза кон сите што не се впишуваат во нормата, а тоа особено важи за луѓето од ЛГБТ+ заедницата. Јас верувам дека во широка смисла, во традицијата има и убави аспекти, но не може во никој случај да се тврди дека сѐ тоа во што верувале нашите баби и дедовци е правилно. Всушност, традициите на многу народи низ светот имаат неверојатно насилнички и дехуманизирачки аспекти, така што се надевам дека ќе ги задржиме убавите работи, ама ќе се ослободиме од сè она што резултира во психичка и физичка тортура врз цели групи од општеството.

На што сте фокусиран моментално, што работите?

Тоа за што сум несомнено највозбуден е подготовката на мојот прв долгометражен филм „Слатката горчина на зрелите калинки“, во соработка со продуцентката Елена Станишева. Оваа година бев учесник на постдипломската програма за обука на сценаристи за ТВ-серии, Serial-Eyes во Берлин, во чии рамки развивав неколку проекти за серии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот