Македонската публика за првпат ќе ужива во безвременскиот и магичен звук на „Дед кен денс“

Ангелскиот глас на Лиза Џерард и небесниот вокал на Брендан Пери, споени во музиката на култниот бенд „Дед кен денс (Dead Can Dance)“ конечно ќе може да се слушнат и во Скопје. Македонската публика за првпат ќе има прилика да ужива во безвременскиот и магичен звук на овој уникатен светски музички феномен.

„Дед кен денс“ оваа пролет се на европска турнеја и благодарение на „Таксират Фестивал“ нема да го заобиколат Скопје, како на претходните турнеи, туку ќе одржи два концерта, на 23 и 24 мај во големата сала на Филхармонија.

Лиза Џерард, еден од најубавите светски вокали на современата музика и музичкиот гениј Брендан Пери, веќе четири децении на музичките вљубеници им го пренесуваат својот длабок уметнички сензибилитет. Tворејќи музика која уште од оформувањето во 1981 година во Мелбурн, успешно се оттргнува од прангите на жанровите, просторот и времето, тие се потпишуваат зад неверојатен опус инспириран од звуците на Европа, Блискиот Исток, Азија, северна Африка, Медитеранот и пошироко.

Зад себе имаат осум студиски и три албуми во живо, како и многу успешни светски кариери. Славни се и како композитори на музика за бројни филмови, меѓу кои најпозната е музиката за „Гладијатор“ на Ридли Скот. Лиза Џерард и Брендан Пери имаа и прекини во заедничкото работење, во кој период тие успешно ги градеа соло кариерите, а шест години по албумот „Анастасис (Anastasis)“, повторно се вратија на заедничкото творење во 2018 година со албумот „Дионис (Dionysus)“.

Бендот ќе настапи со избор на песни од нивната кариера, која опфаќа повеќе од три децении, вклучувајќи и некои од најсаканите класици од нивните албуми.

Пред концертот на „Дед кен денс“ на 23 мај во Филхармонија ќе настапи Астрид Вилијамсон, која е пијанистка дипломирана на Кралската Шкотска Академија, додека на 24 мај, концертната вечер со свој настап ќе ја отвори мултиинструменталистот и композитор Џулс Максвел, кој воедно свири клавијатури во „Дед кен денс“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 129, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот