„Македоника литера“ објави книга со клучните концепти за заштита на историскиот град Пекинг

Насловна корица на книгата објавена од „Македоника литера“

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ деновиве ја публикуваше книгата „Заштита на историскиот град Пекинг: клучни термини“, во превод од англиски на македонски јазик на Славчо Пеев.

Книгата содржи 110 клучни концепти за заштитата на историскиот град Пекинг, каде што централно место има познатиот Забранет Град. Концептите се дефинирани од аспект на историјата, урбанистичкото планирање, системот за заштита и конзервацијата на ревитализираниот стар Пекинг, во кој се наоѓа најголемиот и најдобро зачуван владетелски комплекс од дрвени палати во светот.

Пекинг има историја од повеќе од 3.000 години како град, а 870 години е главен град. Историскиот центар на Пекинг првпат бил изграден во 1386 година од императорот Хонгву, во времето на династиите Минг и Ќинг, а во 1553 година бил проширен од императорот Ѓиаѓинг. Се состоел од правоаголен Надворешен Град и квадратестиот Внатрешен Град, кој го опколувал Царскиот Град, кој, пак, за свој центар го имал Забранетиот Град. Со вкупна површина од околу 63,8 квадратни километри, бил лоциран во денешен централен Пекинг.

Внатрешниот град опфаќа вкупна површина од околу 36 квадратни километри. Надворешниот Град бил правоаголниот јужен дел од градот Пекинг во времето на династиите Минг и Ќинг, бил додаден за да се зацврстат безбедносните и одбранбените капацитети на градот и ги вклучувал Храмот на небото и Олтарот на богот на земјоделството, а има вкупна површина од околу 26,7 квадратни километри.

Палатниот Град, денес Забранетиот Град во Пекинг, бил местото каде што се наоѓале палатите во династиите Минг и Ќинг. Сместен во централниот дел на Царскиот Град, бил изграден врз палатите од 1420 година. Палатниот Град се состои од обѕидана површина со градби внатре, опколена со окоп (реката Тонгѕи). Севкупно, зафаќа површина од околу еден квадратен километар. Книгата содржи и мапи, поимник и куса хронологија на кинеската историја.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 204, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот