Македонците пратени во државен карантин подготвуваат тужба: Сакаме да знаеме зошто бевме третирани како најголеми душмани на државата

epa08417644 Crews of the Australian ship Greg Mortimer, affected by COVID-19, begins its evacuation of the ship in coordination with medical personnel and Uruguayan authorities, in Montevideo, Uruguay, 12 May 2020. On the ship, anchored 20 kilometers from the Uruguayan coast, there are only around 90 crew members left, after more than 120 passengers were evacuated and returned to their countries on separate medical flights that departed on April 10 and 15, and took 112 people to Australia and 15 to the United States, Canada and several European countries. The remaining evacuated crew will quarantine in two hotels in Montevideo while the established time passes to coordinate their repatriation. EPA-EFE/Raul Martinez

Групата од 92-ца македонски државни кои се наоѓаат во државен карантин во Охрид, а кои јавно се жалеа на начинот на кој биле третирани по доаѓањето во нашата земја, велат дека ниту една институција досега ги нема контактирано за да се испита начинот на кој полициските службеници се однесувале кон нив.

Станува збор за поголема група на Македонци кои работеле за американска крузер компанија на брод, а кои откако поминале 63 дена карантин на море и ги добиле потребните документи дека не се заразени со коронавирус, конечно се упатиле кон својата земја, каде биле пречекани на „крајно мизерен и нечовечки начин“.

По доаѓањето во земјава им бил одреден државен карантин, без притоа некој да им ги побара документите за тоа дали се тестирани на Ковид-19.

Славчо Тошев, еден од Македонците кои се дел од оваа група, во разговор за „Слободен печат“, вели дека по доаѓањето во Македонија никој не им објаснил каде ќе одат, како и тоа дека не добиле ниту вода ниту храна по доаѓањето во нашата земја.

Ниту една институција не нема контактирано, никој ни нема побарано валидни документи за заразни болести кои ги добивме од нашата американска компанија. Ги имаме сите документи дека немаме Ковид-19. Кога испловивме од Америка добивме документ, потоа отидовме во Англија, а по заминувањето и од таму на аеродром повторно добивме документ дека не сме позитивни на вирусот. Она што го очекувавме беше дека ќе треба да сме во домашна изолација, меѓутоа никој не нѐ исконтактира да ни каже дека ние всушност ќе имаме државен карантин. Сепак, го проголтавме сето тоа и си рековме ајде ќе одиме во државен карантин, но траумата која потоа ја доживеавме беше преголема за луѓето кои беа во автобусите. Патувавме по 7 часа без да одиме во тоалет и без никакво застанување. Буквално никој не го слушаше нашиот глас, не третираа како најголеми душмани во државава, а ние отидовме да спечалиме пари за да ги потрошиме во Македонија – вели Тошев.

Покрај ова, Тошев потоа ни објасни што точно се случувало по доаѓањето во Македонија, а истакна и дека сите 92-ца Македонци кои се дел од оваа група планираат заедничка тужба против, како што вели тој,  нечовечкото однесување на полициските службеници кон нив.

– По доаѓањето во Македонија, никој не ни ја објасни процедурата, ниту пак не праша дали има некој жеден или гладен, не ни помогнаа ниту во носењето на куферите. Ни ги земаа пасошите и не ни кажаа зошто. Само ни кажаа да се качиме во автобусот знаејќи дека ќе одиме во Охрид, но ние не отидовме таму, туку отидовме во Табановце да земеме уште неколку луѓе. Баравме од полицајците кои беа присутни да излеземе до тоалет, меѓутоа никаде не застанавме.  Девојчињата почнаа да тропаат по прозорците и да плачат, а полицајците само не гледаа и дури ни се смееја во лице.  Потоа не сместија во хотел во Охрид, по неколку луѓе во соба, што значи дека никако не се почитуваа правилата за социјална дистанца, каков карантин е тоа? Сакаме одговор зошто бевме така истретирани како најголеми душмани, со што го заслуживме ова? Сите што сме во оваа ситуација сакаме да поднесеме тужба поради психичката тортура која ни беше извршена. Ова нема да го оставиме така и затоа бараме некаков одговор – заклучи Тошев.

Како резултат на сето ова Тошев, но и уште неколку Македонци од оваа група јавно бараат одговор и поддршка од некоја од инстутуциите, но како што велат, досега никој не ги контактирал.

И Бошко Јованов, кој е дел од истата група која работела на брод во Америка, за „Слободен печат“ вели дека единствено македонскиот амбасадор во Бразил, Ивица Боцевски, им помогнал да стигнат до македонската граница, додека никој друг, освен неколку новинари, не ги побарал, ниту пак им понудил некаква помош.

„Не контактираа само новинари, како и Ивица Боцевски кој ми се јави, човекот беше толку фин и се извини, ама ни најмалку не требаше тој да се извини. Неговата работа беше да не донесе до македонска граница. Јавно сите ние 90 луѓе тука сакаме да му се заблагодариме нему за цел напор што го вложи да не донесе дома. По бродовите останаа Срби, Бугари, Албанци, Хрвати, Црногорци и Босанци. Од сите нив благодарение на Ивица успеавме да стигнеме до Македонија со лет од Англија до Софија (обично во овие летови кога одиме или се враќаме од брод ако имаме вишок куфери доплаќаме, па компанијата која ќе се вратиме на брод ни враќа пари, но сега никој не требаше да плати повеќе, без разлика дали еден куфер тежеше 50 килограми или некој е дојден со 4 куфери) и од Софија до граница. Барем Бугарите не пречекаа со вода, може требаше да ја купиме за 2 лева, ама имаше вода, сок и некакви кроасани и ни застанаа на бензинска за да одиме до тоалет и да купиме основни работи – вели Бошко.

„Слободен печат“ достави прашања до МВР во однос на тоа дали полициските службеници навистина се однесувале вака кон овие лица, како и тоа дали доколку тоа навистина е така ќе биде поведена и постапка против нив. Досега не добивме одговор, а кога ќе го добиеме истиот ќе го објавиме.

Голготата на Македонци додека стигнат во својата татковина: Наш колега си го одзеде животот бидејќи не можеше веќе да ја трпи неизвесноста

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот