Историски успех: Македонците го „запалија“ Дубаи на Red Bull Half Court

Екипа на „Слободен печат“ во соработка со Red Bull Македонија го следеше спектакуларниот настап на македонскиот 3×3 тим EUROEDIL HOLDING во Дубаи.

Млади Македонци викендов покажаа дека големите спортски приказни можат сè почесто да бидат дел од нашето секојдневие.

Изминативе денови во Дубаи, националниот шампион EUROEDIL HOLDING испиша ново поглавје за македонскиот спорт, освојувајќи го второто место на Red Bull Half Court – едно од најдинамичните и најпрестижни 3×3 натпреварувања во светот.

Македонскиот тим EUROEDIL HOLDING, составен од четворица млади момци буквално го „запалија“ Дубаи, а со својата игра нè инспирираа да се исправиме, да воздивнеме од гордост и да кажеме „е, и ова е Македонија“.

Од Влае до Дубаи на најспектакуларниот терен во светот

Сè започна на 15 јуни во Влае, на скопскиот терен „после мостот“, кој годинава дополнително стана симбол на доминација, неверојатна синергија и македонскиот непокор.  Момците од EUROEDIL HOLDING со уверлива игра ја освоија националната титула и го обезбедија билетот за најавтентичниот уличен кошаркарски спектакл во светот – Red Bull Half Court.

EUROEDIL HOLDING во Влае го освоија билетот за Дубаи

За големото финале, Дубаи беше преобразен во надреална сцена за спортска магија, каде Македонија настапи со приказна што ретко кој тим во светот може да ја сподели: тим составен од две скопски братски двојки, Амар и Елвис Хот и близнаците Карло и Паоло Блажевски, тим што ќе остане запаметен по играта со цело срце на терен, инстинкт и природна хемија која ретко се среќава.

Глобалното финале се одржа на 28 и 29 ноември 2025 година пред култниот „Музеј на иднината“ (Museum of the Future), на специјално изграден „лед“  терен што реагира на секое движење. Особено фантастично доживување беше кога скопскиот Red Bull Half Court терен буквално беше пресликан на футурискичкиот „лед терен“.

Теренот за игра пред „Музејот на Иднината“ во Дубаи // Naim Chidiac / Red Bull Content Pool /

Култниот терен во Влае, кај локалците познат како теренот „после мостот“, насликан од врвниот, надалеку познат македонски креативец Сатја Грабулоски познат како Swithadot, блесна во Дубаи.

Големи очекувања, ама уште поголеми резултати

По два месеци редовна подготовка, но и домашна поддршка од триесет македонски навивачи, тимот EUROEDIL HOLDING замина во Дубаи подготвен да ја брани честа на државата. Тимовите на настанот добија поддршка од големи имиња од светската кошаркарска сцена: Arike Ogunbowale (WNBA и Dallas Wings), Dušan Bulut (четирикратен World Tour шампион и олимпиец) и интернет-легендата The Professor.

На 28 ноември се одржа првата групна фаза, во која братската четворка ги победи фаворитите за титулата, САД (13-7) и Малдиви (21-7). Единствено беа поразени од тимот на Јужна Африка. Со две победи и еден пораз, успешно се пласираа во четврт-финалето, каде со најдобрите осум се бореа за првото место.

Екипата на Еуроедил Холдинг од Македонија во Дубаи / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Всушност тогаш започна вистинската бајка. На 29 ноември, во четвртфиналето ја совладаа Јапонија (14:9), со што се пласираа во полуфиналето и буквално ја „растурија“ Молдавија со резултат од 19:4.

Македонската четворка влезе во финалето како вистински фаворит на публиката. На крајот тимот на Египет славеше со 21:12, но тоа не го намали успехот, Македонија е светски вицешампион.

EUROEDIL HOLDING се вратија дома „сребрени“, но во очите на македонската јавност, блескаат ко злато. Браќата Хот и близнаците Блажевски не само што нè претставија, туку и нè воздигнаа на неверојатниот Red Bull Half Court спектакл во Дубаи.

Екипата на Еуроедил Холдинг од Македонија во Дубаи / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот