„Македокс“ ги додели наградите на најдобрите: 11. издание продолжува он-лајн

Фото: Македокс / Сашо Алушевски и Јелена Белиќ

По доделувањето на наградите на 26 август завршија проекциите на документарни филмови во Парк МКЦ и во летното кино на Кинотеката, но 11. Македокс продолжи он-лајн на платформата „Синесквер“, каде филмовите ќе може да се гледаат до 20 септември.

Фото: Македокс / Сашо Алушевски и Јелена Белиќ

Наградите на „Македокс“ се доделуваат во пет категории: награда за најдобар филм во главната програма „Кромид“, награда за најдобар филм од млад автор „Млад кромид“, награда за најдобар краток филм „Сечкан кромид“, награда за најдобар студентски филм „Кокарче“ и Награда за филм со најдобри етички идеи.

Доделувањето на наградите се одржа он-лајн преку платформата „Зум“.

Фото: Македокс / Сашо Алушевски и Јелена Белиќ

Жирито за наградата „Кромид“ е во состав: Орва Нирабија, уметнички директор на Меѓународниот фестивал на документарен филм во Амстердам (ИДФА), Лари Снајдер, филмски монтажер и дизајнер на звук, и Ненад Пуховски, филмски режисер, продуцент и директор на „Загребдокс“, одлучи наградата да ја добие „Епицентро“ на Хуберт Саупер.

Образложение:

Жирито уживаше гледајќи десет исклучителни филмови направени од исклучителни автори и би сакале да му честитаме на тимот на МакеДокс затоа што направиле прекрасна програма. Ги изгледавме филмовите кои не прошетаа ширум светот и ни покажаа разноликост во стилот и жанрот, еден голем спектар на сето она што може да биде документарен филм. Како што се доближувавме до одлуката, бевме импресионирани од неколку филмови, но бевме зачудувачки едногласни во однос на еден филм, кој го зеде првото место на нашите листи.

Победникот е „Епицентро“ на Хуберт Саупер. Во овој филм, режисерот ни го позајмува неговиот светоглед за да ја видиме Куба и да ја искусиме со сета сложеност која се јавува од неговата фасцинација со островот и неговите жители, со реалноста на нивното секојдневие и со сиот симболизам на нивното постоење низ скорешната историја. Преку неговото набљудување, пронаоѓање и анализа, Саупер го има изработено филмот до најмалиот детал, создавајќи архитектура од емоции со ретка стилистичка кохерентност. Тој успева да ни овозможи непосредно доживување на филмот. Ова е филм кој нѐ соочува со прашањата од нашата скорешна геополитичка историја, за минатото и иднината и ни поставува прашања околу претставувањето и погрешното примање и за самото право нешто да биде претставено на некаков начин… и нѐ остава да бидеме истовремено маѓепсани и несигурни, образложи жирито.

Хуберт Саупер се јави од Париз со маица „Утопија“, се заблагодари на жирито и ја посвети наградата на своите млади пријатели од Куба, кои својот живот го живеат во дистопија. На екипата на Македокс ѝ кажа дека прават убава работа во кризно време.

Жирито за наградата „Млад кромид“ е во состав: Амир Џорџ, филмаџија, куратор и програмски селектор на филмски фестивал во Колумбија, Самир Љума, филмски снимател и дел од снимателскиот тандем на филмот „Медена земја“, и Беатрис Вангонду, продуцентка, сценаристка и режисерка на документарни филмови од Кенија, одлучи наградата да ја добие „Тунел“ на Нино Орјокиниџе и Вано Арсенишвили.

Образложение:

За приказната која говори за човечката состојба и луѓето кои се соочуваат директно со нивната смрт, со загубата на можноста да остават нешто зад себе. Социо- политичките теми на овој филм се актуелни во сегашноста и тестамент за идните генерации. Филмот длабоко нѐ допре и навистина ни е чест да ја доделиме наградата „Млад кромид“ на филмот „Тунел“.

Жирито додели и Специјално признание на филмот „Зборувај за да те видам“ на Марија Стојниќ, затоа што е „храбро, сонично и експериментално патување на еден медиум кои полека изумира во светот. Документарец за истрајноста и одржувањето на надежта“.

Жирито за наградата „Сечкан кромид“ е во состав: Јармила Утратова од чешкиот Меѓународен документарен филмски фестивал во Јихлава, Тамта Габричиџе, филмска режисерка од Грузија, и Тони Бел од Меѓународната документарна асоцијација, одлучи наградата да ја добие „Фантастичните“ на Маија Блефилд од Финска.

Образложение:

Поради оригиналноста и креативната употреба на аудио интервјуа во комбинација со автентичен визуелен пристап, наградата „Сечкан кромид“ на фестивалот МакеДокс ја доделуваме на Маија Блефилд за „Фантастичните“. Емотивниот краток документарец се фокусира на нечуените гласови и неоткриените светови на севернокорејските бегалци. Жирито, исто така, цени како разговорите за филм и медиуми во филмот претставува одговор на сложените емотивни животи на индивидуите, како и на нивното себе-доживување, идентитет, проекции за иднината и концепти за реалноста.

Жирито за наградата „Кокарче“ е во состав: Срџан Кеча, филмски автор и доцент на Катедрата за уметност и историја на уметноста во Стенфорд, Мануел Инакер, германско-хрватски режисер кој живее во Берлин и добитник на минатогодишната награда „Кокарче“ на „Македокс“, и Марго Мека од Меѓународниот фестивал на документарен филм во Фиренца, наградата ја додели на „Ќе доплови Рекс“ на Јосип Лукиќ.

Образложение:

Студентското жири на 11. МакеДокс би сакало да му ја додели оваа награда на режисерот Јосип Лукиќ и неговиот тим поради способноста да раскажат приказна на длабок, и само навидум едноставен начин, запознавајќи ги гледачите со секојдневието на протагонистите без осудување, туку со исклучителни емпатија и сочувство. „Ќе доплови Рекс“ е портрет за самохраната мајка – борец на три деца, која работи 11 месеци во годината на брод за крстарење во странство во нелегални услови. Филмот успешно ја претставува одлично раскажаната елиптична драматургија и стои како впечатлив пример за соц-реалистичната традиција на правење филмови. Секоја слика е избрана внимателно, а секоја сцена е засебен фрагмент, а кога сите овие елементи ќе се спојат, на автентичен начин се доловува современото хрватско општество кое се соочува со скоро неизбежна капиталистичка експлоатација и прекаријатни услови за преживување.

Жирито за наградата за филм со најдобри етички идеи е во состав: Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии во Скопје, Јуко Касеки, кореографка и директорка на танцовата компанија „Цокасеки“, и Лука Циут, композитор на музика за документарни филмови, наградата ја додели на „Акаша, мојот дом“ на Раду Чорнициу.

Образложение:

Причината за конечната одлука за оваа награда е способноста на филмот да го улови и моќно да го претстави едно од суштинските прашања на современиот живот- дали државите се трудат да ги заштитат луѓето или се трудат да ги лишат од слобода и да ги вкалапат во системот? Во модерното општество сме опкружени со правила и регулативи кои се создадени за да ни го подобрат здравјето и да ни овозможат подобар живот. „Акаша, мојот дом“ успева да портретира една ситуација во која би се запрашале колку од овие „добри намери“ влијаат на туѓите животи и што значи добро на крајот.

Фото: Македокс / Сашо Алушевски и Јелена Белиќ

Пред доделувањето на наградите во рамките на серијата разговори под виртуелната смоква на платформата „Зум“ сите 15 членови на годинашните жирија имаа можност да разговараат меѓусебно. Тие ги изложија своите гледишта кон филмовите од програмата на 11. Македокс, објаснија на кој начин ги носеле одлуките за наградите во соодветните селекции, но споделија и свои мислења за состојбата во која се наоѓа документарниот филм во време на пандемијата со коронавирусот.

Фото: Македокс / Сашо Алушевски и Јелена Белиќ

Некои од нив посочија дека в година тешко дека ќе се вратиме во некоја „нормалност“, но треба да бидеме среќни ако, можеби, биде малку подобро од оваа година. На сите им недостасува физичката форма на одржување филмски фестивал.

Фото: Македокс / Сашо Алушевски и Јелена Белиќ

Фестивалот „Македокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија. Пријатели на фестивалот се Музеј на РСМ и Археолошкиот музеј.

Коорганизатори на 11. Македокс се МКЦ и Кинотека на РСМ. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан филм продукција“ и „Кино Култура“.

Медиумски покровители на Македокс 2020 се: МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Плус Инфо, СДК.мк, МКД.мк, Офф.нет, Окно, Е-магазин, Плагиј.ат, Его, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Музичко радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Гледај.мк, Лице в лице, Види Вака и ПопАп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот