Лукаревска: Ја ослободивме заробената култура, нашиот концепт е европска култура

Како одредена власт или политичка опција се однесува кон културата, тоа го дефинира и нејзиниот однос кон вредностите и уште поважно кон иднината на земјата, како што нашиот концепт е за европски вредности и европска држава, нашиот концепт е за европска култура, истакна заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска на денешната партиска трибина во Гостивар.

Таа посочи дека по тоа СДСМ се разликува од концептот на опозицијата, која 11 години ја заробиле културата.

– Се потрошија речиси една милијарда евра за споменици, барок и стиропор во центарот на Скопје додека системски се уништуваше културата. Видовме политички обид за културен инженеринг, упад во културното и идентитетско наследство. Немаше сегмент од културата којшто ДПМНЕ не го остави во катастрофална состојба, рече Лукаревска.

Оцени дека денес се демократизирани културните процеси, вратени се професионалните стандарди во институциите, ослободени се креативните процеси за сите уметници и дека се подобрени условите за работа и унапреден животниот стандард на вработените во културата.

Со политиките на СДСМ, како што рече, македонскиот јазик, култура и посебност се на исто рамниште со европските јазици.

-Со државничките одлуки што ги носиме, потврдивме и осигуравме и европско и светско признание на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Ова беше година на заштита на македонскиот јазик. СДСМ е горд за се она што го има направено за заштита, унапредување и признавање на македонскиот јазик, истакна Лукаревска.

Директорката на Заводот и музеј Битола, Мери Стојанова потенцираше дека во заштита на културното наследство во изминатите неколку години е направено најмногу, потенцирајќи го како исклучително важен проектот за конзервација и реставрација на манастирот во Курбиново.

-Во изминатите шест години вредно е за споменување се она што е направено за заштита на културното наследство. Но, еден од најкомплексните проекти е секако конзервацијата на архитектурата, реставрација и заштитата на манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, најстарата наша црква. Самиот објект по себе е исклучително вреден и проектот е со целосна поддршка на Министерството за култура и Владата. Ѕидното сликарство исто така е опфатено со овој проект. Тој проект е во напредна фаза, наскоро привршува и наскоро ќе го видиме во вистинско светло, рече Стојанова.

Директорката на Музејот Охрид, Ирина Шајн рече дека сите стручни лица неуморно работеле не само на зачувување на статусот на УНЕСКО на Охридскиот регион, туку и да се придвижат работите кон подобро.

-Успеавме да го зачуваме Охрид автентичен, а езерото и натаму да е нашиот најубав бисер. Токму преку УНЕСКО, нашиот Завод и Музеј користи донација за создавање на ГИС платформа за недвижното културно наследство и археолошките локалитети од Охридскиот регион со што ќе се обезбеди ВЕБГИС база на податоци којашто ќе може да ја користи и пошироката јавност, а ќе се потхранува со податоци за недвижното културно наследство и заштитените археолошки локалитети собрани и документирани, рече Шајн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот