„Луцифер“ донесе пеколни жештини, лекарите советуваат да не се излегува од дома
Како што наведува Управа за хидрометеоролошки работи во наредните денови се очекува да продолжат високите темератури најверојатно до среда а Македонија ќе биде под влијание на топол бран со високи утрински и дневни температури каде на целата територија ќе остане активно портокаловото ниво на опасност.
Топлотниот бран Луцифер кој ја зафати Европа пристигна и во Македонија. Високи пеколни температури дури и над 40 Целзиусов степен ги бележат метеорлошките термометри на УХМР – Управа за хидрометеоролошки работи во земјава.
Препорачано
Според последните податоци на веб страницата на УХМР во Гевгелија времето денеска беше најтопло од целата државата и во градот на пладне беа измерени неверојатни 41 Целзиусов степен.
Во поголемиот дел од земјава, вклучувајќи го и главниот град, според УХРМ ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високите температури. Според Управата за хидрометеоролошки работи во Скопје и околијата денеска биле измерени 38 Целзиусов степен, највисока температура досега од почетокот на летото.

Како што наведува Управа за хидрометеоролошки работи во наредните денови се очекува да продолжат високите темератури најверојатно до среда а Македонија ќе биде под влијание на топол бран со високи утрински и дневни температури каде на целата територија ќе остане активно портокаловото ниво на опасност. Мало разладување не очекува утре кон крајот на денот бидејќи ќе има услови за дожд и грмежи, велат од УХМР.
Во исто време лекарите советуваат населението во екстремно топлите денови, да остане повеќе во затворени простории (пред сé климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор, да се најде можност за почести одмори под сенка.
– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носи заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, и да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е истото тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари – вели за „Слободен Печат“ д-р. Петра Темелкова доктор по општа медицина.
Според Др. Темелкова покрај посочените совети за заштита од топлина таа препорачува и да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.
Во меѓувреме како една од мерките за заштита и превенција од топлотните бранови, кои секоја година го зафаќаат главниот град, тимот за одговор при катастрофи на Црвениот крст на Град Скопје, како дел од Единицата за дејствување и одговор при катастрофи, активно се вклучува во активностите за намалување на последиците од топлотните бранови на територијата на градот Скопје и околината, со цел намалување на ранливоста на населението.
Во насока на подобар одговор, секоја година се обработува посебна програма за одговор и дејствување при зголемени температури и топлотни бранови во текот на летниот период.
Активностите на ова поле се поддржани и од Град Скопје.
– Мобилните екипи, кои се достапни и кои функционираат при екстремно високите температури, се составени од доктор и болничар, кои одблиску ќе им даваат помош и поддршка на бездомниците со дистрибуирање вода, мерење на крвниот притисок, а за потешките и интервентни случаи ќе биде обезбеден и транспорт – информираа од Црвениот крст на Град Скопје.
Оттаму додаваат дека пунктот за бездомници, кој функционира веќе 14-та година, нуди повеќе услуги за лицата што немаат свој дом и има цел да овозможи тие да ги остварат основните човекови права и да се реинтегрираат во општеството.


