РЕЦЕНЗИЈА Лоша копија на Никита

Ана Полјатова треба да биде новата Никита. Но, колку и да се обидува познатиот француски режисер, Лик Бесон, во новиот филм „Ана“, да ѝ даде инвентивност и да ја направи исто толку успешна, но сепак поинаква, воопшто не успева во тоа. Обидувајќи се да побегне од шемата, која впрочем самиот ја направи, тој ќе ја поврзе Ана и со модната индустрија, ќе се обиде да ѝ даде и внатрешност, не само надворешност (како што звучи стереотипот, нели), ќе ја стави во интимна врска со жена (што е демек добро покритие) и ќе внесе колку што може повеќе конспиративност.

Но, она што е интересно, во сите работи во кои се обидува да биде поинаков, е дека сè се сведува на бегство од стереотипите (што секако го прави уште повеќе стереотипен) или на рециклирање некои познати приказни, сцени и карактери, и тоа многу површно и лошо. За жал, и покрај целата атрактивност, „Ана“ е многу слаб филм, кој делува дури очајно во обидот на Бесон да ја врати старата слава и да создаде повторно еден лик како Никита, при што покажува неверојатна истрошеност и немање нови и свежи идеи за истата приказна.

А тоа во старт е погрешен обид, затоа што не можете никако да ја избегнете споредбата. Никита донесе нешто навистина поинакво, но она што е најважно е фактот дека Бесон успеа да направи издржана приказна и да создаде лик кој е логичен и некако, и покрај извонредните вештини, жив, топол, емотивен, човечен. Никита, дополнето и со серијата, се претвори во своевиден симбол што ја промени перцепцијата за платените убијци и стана дел од популарната култура. Токму затоа ваквиот обид беше уште потежок и осуден на неуспех од самиот почеток.

Згора на тоа, заедно со некои изнасилени промени во милјето (тотално неиздржани и на моменти многу бесмислени), тој уште се обидува да и ги даде потполно истите вредности и дилеми.

За жал, „Ана“ е филм или да речеме лик кој го нема замислениот интегритет, затоа што и нема вистинска приказна или точка на која може да се потпре, таа повеќе се сведува на некој што треба да повтори (не би рекле долови) нешто што не доаѓа ниту спонтано, ниту логично, ниту има свој развој и оправдување. Да не зборуваме за сцената со пазарот, каде што Ана ги продава оние познати руски кукли, т.н. бабушки, а која буквално е преземена од животната приказна на Наталија Водјанова. И над сето тоа, Бесон се обидува токму во тие кукли да ја смести симболиката и метафората која на ликот на Ана би му дала смисла.

Навистина е неверојатно колку многу, односно колку буквално Бесон се повторува самиот себе, бидејќи Никита веројатно во себе го антиципираше сето она што беше негова изворна идеја. За жал, нова нема, а тргнал во авантура да го надмине ненадминливото. Да го надмине тој голем успех што го постигна, а без нималку оригиналност или новина. На моменти, во бројните навраќања или флешбекови дури делува бесмислено, особено во сцените со мажот со кој на почетокот живеела (кој всушност ја тргнал од улица), чија кражба ќе се претвори во пародија и во сцените кога КГБ се обидува да ја врбува, а таа иако очајна веќе ја бара својата слобода…

Многумина овој филм го гледаат како потреба на Бесон повторно да се наврати на женските акциони херои после нападите за сексуално вознемирување адресирани на него. Во екот на кампањата „Me Too“, дури девет жени се пожалија на неговото однесување и рекоа дека ги вознемирувал, а едната од нив и дека била силувана.

Бесон тоа категорично го отфрли, па сепак критичарите препознаа сцени во кои тој на свој начин е самоироничен и како да прави еден вид коментар (на пример, во сцената во која Ана како да е силувана од нејзиниот дрогиран партнер или во сцената кога ќе му се нафрли на главниот фотограф на една од модните сесии).

Од друга страна, пак, ликовите на мажите во филмот се доста стереотипни, свежината треба да ја донесе Хелен Мирен, но и таа од сцена во сцена е лик кој се дави во стереотипи, повторувајќи некои многу банални изјави и однесувања.

Сè на сè, „Ана“ е визуелно и музички атрактивен филм, но сосем неинвентивен, неинтересен, па дури и непотребен, се разбира, кога зборуваме за кариерата на Лик Бесон. Бидејќи, овој филм ниту додава, ниту нуди, ниту постигнува нешто, но затоа одзема многу, посебно кога се работи за таков автор со култен статус. А богами ѝ одзема и на онаа оригинална идеја на Никита, покажувајќи колку аурата што се создаде околу нејзиниот лик може да биде празна и истрошена.

Особено тогаш кога ја нема вистинската мотивација и кога нема идеја ниту каде оди, а уште помалку каде навистина треба да стигне.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот