„Локум фест“ ја потврди истрајноста и програмската иновативност на традиционалната култура

Јубилејното 15. издание на „Локум фест – музика и традиција 2021“ заврши на 24 јули во старата Битолска чаршија со настап на КУД „Илинден“, кој го изведе музичко-сценскиот перформанс „Приказни од чаршијата“.

Претходните вечери, на 22 и 23 јули, на фестивалот настапија Влатко Стефановски трио со концерт на Хераклеја и Драган Даутовски со неговиот син Ратко Даутовски со концертна промоција на албумот „Apocalypticum“ во Пацио – НУ Завод и Музеј – Битола.

Во рамките на дополнителната програма се одржа традиционалниот „Саем на ракотворби“ со ЗУР „Македонски ракотворби“, кои презентираа дел од нивните креации инспирирани од народната традиција.

Грамофонот на Манаки

Посебен куриозитет претставуваше изложбата на раритети, особено за прв пат промовираниот „Грамофон на Манаки“, како и автентични фотографии од боемскиот живот во Битола, изданија и фонографија од богатиот фонд на Државниот архив – одделение Битола. Програмата беше дополнета со музички настапи на чалгиски и други групи, кои настапија во разни локали низ чаршијата.

„Приказни од чаршијата“ на КУД „Илинден“ – Битола

Петнаесетото издание на „Локум фест“ покажа дека постојаното вложување во културата, истрајноста и програмската иновативност ја прави културата конкурентна противтежа на масовната естрадна „култура“ и е вистинско освежување за публиката, која е заситена од естрадизација. Останува надлежните и останатите фактори на одлучување да го препознаат јавниот интерес и да го поддржат истиот во насока на градење на квалитетен, оддржлив и препознатлив културен дискурс на локално и национално ниво, потенцираат организаторите на фестивалот од ЗГ „Локум фест“ од Битола. Фестивалот беше организиран во партнерство со Центарот за културна деконтаминација од Битола со поддршка од Министерството за култура, а беше помогнат и од Општина Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот