Ливерпул не се откажува од Лигата на шампионите, го суреди Јунајтед на „Олд трафорд“
Фудбалерите на Ливерпул го совладаа Манчестер јунајтед во најголемото англиско дерби со 4:2 во одложениот натпревар од 34. коло во Премиер лигата и останаа во трката за пласман во Лигата на шампионите.
Ливерпул сега се наоѓа на петтото место на табелата со 60 бодови, и имаат четири бода помалку од четвртопласираниот Челси, но исто така имаат и натпревар помалку. Од друга страна, Јунајтед остана на второто место со 70 бодови.
Менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер направи дури десет измени во однос на натпреварот против Лестер, но и покрај тоа не можеше да го избегне поразот.
Натпреварот уште на стартот донесе возбудувања, играчите на Ливерпул бараа пенал поради играње со рака на Ерик Баји во сопствениот шеснаесетник, а во шестата минута Единсон Кавани на спротивната страна не успеа да ја искористи грешката на голманот Алисон.
Манчестер јунајтед поведе во 10. минута со голот на Бруно Фернандеш, но до полувремето Ливерпул успеа да направи пресврт. Прво Диого Жота во 34. минута израмни на 1:1, за Роберто Фирмињо во последните секунди од првиот дел да му донесе водство на својот тим.
На стартот од второто полувреме, Фирмињо ја зголеми предноста на својот тим, додека во 59. минута Жота ја погоди стативата. Десет минути подоцна Јунајтед ја врати неизвесноста со голот на Маркус Рашфорд, но трите бода за Ливерпул ги потврди Мохамед Салах со голот во 90 минута.
Ливерпул во наредното коло му гостува на ВБА, додека Јунајтед повторно ќе игра на „Олд трафорд“ и тоа против веќе отпишаниот Фулам.