Личните карти на пациентите не смее да се скенираат

Аптека / Фото: МИА

Дирекцијата за заштита на личните податоци одржала два работни состаноци со претставници на Фондот за здравствено осигурување во насока на можноста за осигурените лица од 1 октомври 2019 година да можат да ги подигнуваат лековите во аптека врз основа на рецепт и документ за лична идентификација (лична карта или пасош), со цел да се спречат злоупотреби, бидејќи се укинуваат квотите на лекови. Фондот за здравствено осигурување минатата недела најави дека за аптеките ќе се набават скенери на кои ќе се снекираат личните документи на пациентите.

„На двата состанока беа дадени појаснувања дека согласно одредбите на Законот за личната карта, обработувањето и чувањето на копија на лична карта во електронски облик е забрането. Ваквото појаснување од страна на претставниците на Фондот во целост е прифатена, при што од нивна страна се размислува за можност, не за скенирање, туку за воведување на решение за електронско вчитување на дел од податоците содржани во личната карта преку електронски читачи, кои податоци Фондот веќе ги има согласно закон, а како би се елиминирала хартиената документација. За ова решение кога ќе се развива и воведува, согласно добиените информации од претставниците на Фондот ќе биде консултирана и Дирекцијата за заштита на личните податоци со цел да се почитуваат прописите за заштита на личните податоци, а со крајна цел заштита на личните податоци на осигурениците во Фондот“, се вели во објаснувањето од Диркецијата.

Оттаму објаснуваат дека можноста да се подигнуваат лековите во аптека врз основа на рецепт и увид во документ за лична идентификација е веќе предвидена согласно прописите од областа на здравственото осигурување.

„Согласно Законот за личната карта, личната карта е јавна исправа со која се докажува идентитетот на граѓанинот. Понатаму, во Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжително здравствено осигурување е јасно наведено дека електронската картичка за здравствено осигурување, односно здравствената легитимација може да се користи само со лична карта или патна исправа. Оттука, имајќи ги предвид овие норми, обработката на личните податоци од личната карта заради докажување (верификација) на идентитетот на граѓаните заради остварување на правата и обврските од задолжително здравствено осигурување е во согласност со прописите на заштита на личните податоци“, тврдат од Дирекцијата..

Но, и при овој процес мора да се обезбеди тајност и заштита на обработката на личните податоци на граѓанинот, односно мора да се применат соодветни технички и организациски мерки за заштита од случајно или незаконско уништување на личните податоци, или нивно случајно губење, преправање, неовластено откривање или пристап, особено кога обработката вклучува пренос на податоци преку мрежа и заштита од какви било незаконски облици на обработка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот