ФЗО КАКО ПОЛИЦАЕЦ: Со црвено знаме ќе лови сомнителни рецепти

Од први наредниот месец стартува укинувањето на квотите на лекови во аптеките што практично ќе значи дека во кој било ден од месецот пациентите ќе може да ги подигнат сите лекови кои им се препишани на рецепт. За тоа, во прво време, ќе им биде потребен рецепт од матичен лекар и лична карта или пасош кои ќе треба да ги покажат во аптеката и кај лекарот. За неколку месеци хартиениот рецепт ќе се укине и ќе се воведе електронски, а на скенер ќе се проверува дали личната карта или пасошот се фалсификат. До први октомври лековите на рецепт ќе се запишуваат и во здравствената легитимација, а потоа тоа ќе се укине.

Аптеките ќе треба да набават и скенери, кои веројатно ќе ги купи Фондот за здравство. Еден скенер чини 300 евра, а целокупниот трошок би бил околу 300.000 евра. Лекарот, кога ќе го препишува лекот, во компјутерскиот систем ќе треба да го внесе и бројот на лична карта на пациентот. Истото ќе треба да го направи и аптекарот. Контролата во ФЗО ќе ги вкрстува овие податоци, односно ќе проверува дали лицето на чие име е напишан лекот го подигнал или тоа го сторил некој друг.

За децата во системот ќе се внесуваат бројот на лична карта на родителот. Ако некој сака да подигне лек за роднина или пријател, во аптеката ќе биде запишап бројот на лична карта на оној што подигнува лек. Откако ќе се воведе електронскиот рецепт и нема да има хартиен, подигањето за друг ќе треба да биде и со негова лична карта. На прашањето дали може да се случи злоупотреба од личниот документ, од ФЗО велат дека, да ви подигне лек од аптека, треба да пратите некој кому верувате.

Фондот за здравство во реално време ќе знае колку рецепти се напишани и на чие име и колку се издадени. Ако негде се појави зголемување на просекот, во електронскиот систем ќе се вклучува црвено знаме и случајот ќе се провери.

Од ФЗО објаснуваат дека контактирале со Дирекцијата за заштита на лични податоци од каде добиле мислење дека матичните лекари и аптекарите ќе можат да ги легитимираат пациентите.

-Со ова важно е дека пациентите ќе можат да ги добијат потребните лекови, а ние ќе имаме контрола во реално време врз тоа дали има злоупотреби. Аптеките, пак, добиваат исти услови за работа, за разлика од тоа што десет години еден ланец на аптеки кај нас беше фаворизиран и добиваше 50 отсто од квотата – вели Ден Дончев, директор на ФЗО.

Во изминатите два месеци квотите беа укинати во 43 аптеки во туристичките центри во земјава. Податоците покажале дека има зголемување на потрошувачката на лекови, но тоа не било многу големо и не треба да значи дека истото ќе се случи и од први октомври.

– Важно е дека ФЗО може да го издржи ова и не очекуваме никакви проблеми од финансиски аспект – вели Орхан Рамадани, вториот директор во ФЗО.

Колку ќе чинат воведувањето на контролните механизми за издавањето на рецептите директорите на ФЗО рекоа дека немаат направено пресметка. На прашањето, дали лекарите ќе имаат нови задолженија со внесување на повеќе податоци, објаснија дека матичните ќе бидат порастеретени бидејќи нема да имаат наплив на пациенти во првите денови од месецот, поради стравот кој постои дека потоа нема да има лек.

Од ФЗО рекоа дека добиле и писмо од аптеки кои бараат квотите да не се укинат, туку само малку да се зголемат.

Во однос на злоупотребите на издавањето на лекови на рецепт за кои зборуваше и премиерот Зоран Заев од ФЗО не дадоа повеќе податоци како што претходно најавуваа. Кажаа еден пример на злоупотреба кога еден пациет во еден месец подигнал 27 пумпи за лекување на астма. Каде се случило ова и дали некој е казнет за оваа злоупотреба, ако се земе предвид дека овие пумпи чинат неколку ијлади денари, од ФЗО не кажаа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот