Лезбос како Алкатраз

Фото: EPA-EFE/JULIEN DE ROSA

Како заробеници на островот си го живеат својот дел од животот, соочени едни со други и во лошо и во добро не можејки да променат ништо од реалноста во која западнале. Не можат дури ни да избегаат. Мигрантите и да сакаат, домаќините пак не сакаат.

„Сакаме слобода“ извикуваа вчера мигрантите на островот Лезбос соочени со ужасните услови за живот во кампот Морија во кои се натискани 20 000 луѓе на простор за помалку од 3000.
Денес пак протестираа жителите на Лезбос, Хиос и Самос извикувајќи „Вратете ни ги островите и нашиот живот“, загрозени од пренатрупаноста на островите со мигранти, соочени со кражби и упади на имотите.
Во право се и едните и другите. Тие се заедно во иста каша што им ја донела судбината, но не по своја волја. Како заробеници на островот си го живеат својот дел од животот, соочени едни со други и во лошо и во добро не можејки да променат ништо од реалноста во која западнале. Не можат дури ни да избегаат. Мигрантите и да сакаат, домаќините не сакаат.
Тие заедно се како своевремено заробениците и чуварите во озлогласниот затвор Алкатраз. И едните и другите мораат да бидат таму и да ја делат речиси истата судбина, и слични услови на живот.

Страдањето на бегалците, но и на жителите на грчкиот остров трае со години, а решение нема иако бегалската криза административно е завршена, особено со „затворањето“ на Балканската бегалска рута. Европската политика, грчката влада, ги вртеа главите, ослонувајќи се на договорот меѓу Турција и ЕУ. Како потврда на тоа се говореше дека драматично е опданат бројот на мигранти по воден пат кои од Турција со чамци се префрлаа на грчките острови.

За волја на вистината договорот од март 2016 успешно функционираше, но само привремено. Реалноста е дека брановите на бегалци или мигранти наместо да опаѓа, од година во година се зголемува. Тоа не можат да го спречат ниту оградите што некои европски земји ги кренаа.
Грција сега воведува нови мерки – ограда среде море.
Таа сака да се бори против напливот од бегалци на своето крајбрежје со помош на „лебдечки заштитни системи“.  Се работи за „бариери или мрежи“ со должина од три километри кои треба да бидат поставени од страна на грчката армија.

Минатата година Грција беше земјата со највисок број на пристигнати бегалци во Европа. Според податоците од организацијата на ОН за бегалци – УНХЦР, бројот на мигрантите во 2019 кои пристигнале од Турција е значително зголемен. Ако во 2018 година бројката беше 50.000, бројот на илегално преминати мигранти од Турција во 2019 се зголеми на 74.600. Повеќе од 40.000 луѓе во моментов се наоѓаат во пренатрупаните бегалски кампови на грчките острови. Всушност овие кампови имаат капацитет за околу 6200 луѓе. Хуманитарните организации во изминативе месеци критикуваа дека условите таму се неподносливи и нехумани.

По заострувањето на процедурите за азил и престој за бегалците во Грција, конзервативната влада на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис сака да го забрза и враќањето назад на луѓето на кои „не им е потребна меѓународна заштита“ или чии барања за азил се одбиени.

Но не е само Грција зафатена со нови бранови мигранти. Некои од Балканските држави како Србија на пример во кои останаа заглавени неколку илјади бегалци сега малку по малку се полнат со дополнителни бројки на мигранти.

БиХ дури сега се соочува со неможност да се справи со мигрантската криза бидејќи Хрвтска по ниедна цена не ги прима мигрантите од Босна.

Германија е свесна дека е најпосакуваната дестинација на мигрантите и таму се прекршуваат интересите на различни влијателни групи. Полемиката што се води е дали решението е да се прифатат сите бегалци или барем илјадници деца бегалци од Грција.

Експертите велат тоа е погрешно. Погрешно е затоа што гестот може лесно да предизвика нов бегалски бран: нема да се задржиме на малолетните деца, од хумани причини подоцна ќе им се дозволи да им се приклучат и семејствата, велат дел од нив. А, штом во земјите од кои потекнуваат бегалците и во транзитните земји се расчуе дека има нова шанса за живот во Германија, уште повеќе луѓе ќе се обидат од турското крајбрежје да стасаат до грчките острови. Камповите уште повеќе ќе се наполнат. Тоа е бескрајна спирала, исто како и спасувањето бегалци од морето.
Штом во Европа почнат да се прифаќаат бегалци, тоа веднаш повлекува нов бран мигранти.

За противниците на предлогот е погрешен и затоа што Грција и цела ЕУ ќе бидат ослободени од нивната одговорност само заради едностраната подготвеност на Германија да се прифатат тие бегалци.
Во дебатите за азил често се занемарува тоа дека азил може и смее да добие само оној кому тој навистина му следува. Тука како основи се вбројуваат војна и граѓанска војна во татковината на барателот, или пак личен прогон, но не и економски проблеми.

Но, токму тоа до денес е големата дилема и на бегалската политика на Ангела Меркел, и оној кој нема право на азил најчесто смее да остане во Германија оти во повеќето случаи не е можно протерување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот