Левица сака да ѝ го одземе ВМРО на ДПМНЕ
Левица предлага името „Внатрешна македонска револуционерна организација – ВМРО“ да се прогласи за нематеријално културно наследство од особено значење за македонската држава и за македонскиот народ. ВМРО-ДПМНЕ за предлог-законот поднесен од Левица, оцени дека радикални, маргинални структури повторно се обидуваат да предизвикаат вештачки конфликти со симболите на државноста и борбата.
Левица сака да ја прекрсти најголемата политичка партија во Македонија – ВМРО-ДПМНЕ, односно партијата предводена од Димитар Апасиев достави до Собранието предлог-закон за заштита на името Внатрешна македонска револуционерна организација – ВМРО. ВМРО-ДПМНЕ за предлог-законот поднесен од Левица, оцени дека радикални, маргинални структури повторно се обидуваат да предизвикаат вештачки конфликти со симболите на државноста и борбата.
Препорачано
Според предлог-законот, целта е да се зачува и афирмира значењето на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) како симбол на македонската национална борба за ослободување.
Партијата бара и да се „спречи злоупотребата на името и кратенките кои асоцираат на истото – во политички или комерцијални цели, со кои се обезвреднува и компримитира историската важност за македонскиот народ и лажно се монополизира патриотската колективна свест само во еден политички субјект, кој манипулира со симболите, чувствата и емоциите на граѓаните“.
Левица предлага името „Внатрешна македонска револуционерна организација – ВМРО“ да се прогласи за нематеријално културно наследство од особено значење за македонската држава и за македонскиот народ. Со законот да се ограничи употребата на името „Внатрешна македонска револуционерна организација“ и сите изведенки или кратенки од него како ВМРО, ВМОРО, ТМРО, ТМОРО, МРО, во политички, комерцијални или други неовластени цели, со цел спречување на злоупотреба на историското наследство и заштита на јавниот интерес.
Во членот 2 од законот се предлага името ВМРО да е симбол на историјата, традицијата и борбата за независност на македонскиот народ и да претставува дел од колективната меморија и како такви се нематеријално културно наследство.
Левица предлага законот да се применува на сите физички и правни лица, вклучително и политичките партии, здруженија на граѓани, фондации, трговски друштва и други правни субјекти кои го употребуваат или имаат намера да го употребуваат целосното име, акронимот, кратенките или други варијации на името ВМРО во своето име или дејност.
Правен субјект ќе може да го употребува името ВМРО само ако добие посебна дозвола од Министерството за култура и туризам.
Во случај законот да помине, Министерството за култура и туризам, во рок од 60 дена треба да изготви Регистар на субјекти кои го носат името ВМРО. Во истиот рок од два месеца правните лица кои го користат името, акронимот или други варијации на името ВМРО во своето име, се должни да поднесат барање за да добијат одобрение да го користат името ВМРО или доброволно да го променат истото.
Во спротивно името ВМРО ќе биде избришано од Регистарот на упис.
Бидејќи законот не е обемен и содржи 7 члена, Левица предлага Собранието да го донесе по скратена постапка.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за предлог-законот на Левица смета дека е директна нарачка од кругови што со децении работат против македонскиот идентитет.
-Ова е истата таа агенда што со години се промовира од политички и академски структури и центри во Бугарија: Македонија да се откаже од своето револуционерно минато, ВМРО да се претстави како ‘контроверзен’ или ‘непосакуван’ дел од историјата, а македонскиот народ да се откорне од своите херојски настани. Сега, истата таа агенда добива домашни извршители во форма на пратениците на Левица – рече Мицевски.
Тој додаде дека а ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија ќе го заштити името, симболот и суштината на македонската борба за слобода и дека ниту еден обид за бришење на историјата нема да помине.
-Во 2018 година имаше обид со поддршка од тогашната власт на СДСМ, ДУИ и СЈО како инструмент да се укине ВМРО и да се измени законот. Тие обиди беа спречени благодарение на поддршката од пријателски држави и сестрински партии. Но денес, она што особено ја открива суштината на ова сценарио е фактот што истата таа улога ја презема Димитар Апасиев, тогаш советник во СЈО, денес лидер на Левица. Само што денес, заслепен од сопствената ароганција, сам си ја потврдува улогата – дека е најобична алатка во туѓи раце- рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.


