Лекот Фавипавир ќе дојде, но матичните лекари не знаат кога и кому да го препишуваат

Лекот ,,фавипавир” има најдобро дејство за средно тешки и за лесни случаи на зараза со Ковид 19, односно доколку се препише на пациентот во првичната фаза на лекувањето од коронавирусот.

Со оглед на тоа што Агенцијата за лекови ја одобри турската верзија од јапонскиот лек, а за јапонската верзија најави дека ќе пристигне подоцна, нејасно е зошто таа ќе биде дистрибуирана во болниците. Во македонските болници се лекуваат лица во поодмината фаза од инфекцијата, со посериозни и влошени симптоми, повеќето се на кислородна поддршка – состојби кои се далеку од првичната фаза од инфицирањето.

Професорот Никола Пановски за ,,Слободен печат” објасни дека како и секој антивирусен лек, и овој е токсичен, а се користи и за други болести, меѓу кои грип и ебола. Меѓутоа, тој се согласува дека доколку се дава во подоцнежната фаза од болничкото лекување, тој нема да биде толку ефикасен како кога би бил примен во раната фаза од болеста.

-Фавипивавир треба да се користи во раната фаза, пред одење во болница, иако се дава и во болнички услови. Матичните би требало да го препорачуваат но по одредени правила. Требаше уште на почетокот на пандемијата во март да се формира тело од клиничари и клинички фармацевти кои точно ќе кажуваат кога матичните лекари треба да ја препишат оваа терапија. Уште пред осум месеци требаше да се формира такво тело, кое ќе дава насоки за терапијата, односно кој лек да се дава за какви случаи, според симптомите. Но, бидејќи тоа не се направи, сега, некои доктори ќе го препорачуваат, други нема. Ако делува, тогаш фавира ќе делува подобро од сумамед и од панцеф кои не се за во раната фаза. Освен тоа, фавирата е во таблети, што овозможува да се користи во домашни услови. Но, може да даде несакани ефекти и лекарите мора да се обучат кога да го даваат, а за тоа треба стручно тело да одреди, тврди Пановски.

И матичните лекари кои ги контактиравме се согласуваат дека немаат точно официјално известување во кои дози да го препишуваат ова лекарство, неговото дејство, како и протоколот за лекување. Тие не знаат дали е доволно да се добие фавипавир само со одобрение од специјалист, или може самиот матичен лекар да го даде без одобрение од специјалист. Фавипавир е многу поевтин лек од Ремдесивир, лек кој се форсира во западноевропските земји и во САД.

Неофицијално од доброупатени извори во Министерството за здравство дознаваме дека инфектолози направиле стручно мислење за Фавипавир и дека тоа мислење е испратено да биде разгледано од Етикчката комисија во МАЛМЕД. Лекот уште не е регистриран и не е на позитивната листа.

Лекот Фавипавир се посочува како можна терапија во повеќе истражувања поврзани со Ковид 19. Се уште нема доволно клинички податоци за да може да се донесат потврдени информации во однос на ефикасноста или безбедноста на Фавипавир во третман на Ковид 19. Во тек се глобални клинички студии со кои треба да се направи проценка на ефикасноста и безбедноста. Лекот Фавипавир во третманот за COVID-19 најпрвo e употребуван во Вухан, епицентарот на пандемијата. Потоа, со ширењето на пандемијата во Европа, овој лек беше дозволен за оф лејбл употреба во Италија, а моментално e дозволен за употреба во Јапонија, Русија, Украина, Узбекистан, Молдавија, Казахстан, Саудиска Арабија, Турција и Бангладеш. Од јуни 2020 година, одобрен е за употреба и во Индија, за средно-тешки и тешки форми на Ковид-19. На clinicaltrials.gov постојат 32 регистрирани студии кои ја истражуваат ефикасноста на овој лек во третманот на Ковид 19 (3 од студиите се завршени, 12 се во тек). Овој лек е одобрен за “off label” употреба и од страна на етичката комисија која е стручно независна и самостојна комисија при македонската агенција за лекови МАЛМЕД.Според овие препораки, одлуката за видот на лекувањето се темели на проценката на лекарите за тежината на болеста и на достапните лекови во тој момент во Република Северна Македонија, а по дадено одобрени или согласност од страна на пациентот кој ќе го прими лекот. Употребата на лекот Favipiravir за терапија на COVID 19 се смета за “off label” употреба, со оглед на фактот дека тој нема маркетинг авторизација за индикацијата Ковид 19, велат од Министерството за здравство за ,,Слободен печат”.

 

 Агенцијата за лекови МАЛМЕД го одобри за увоз лекот. Директорот Љирим Шабани во Утрински брифинг посочи дека се очекува да пристигне лекот од Турција, додека за оригиналот од Јапонија, треба време додека да стигне во Македонија. Агенцијата за лекови го одобри увозот на овој лек, кој според испитувањата дал позитивни резултати во борбата против Ковид-19. Директорот на МАЛМЕД Љирим Шабани денеска во Утрински брифинг на Слободна ТВ најави дека наскоро се очекува да пристигне лекот од Турција, додека за оригиналот кој треба да пристигне од Јапонија ќе треба да почекаме. Лекот сепак го побарале и болниците и фармацевтските компании, по што МАЛМЕД постапиле според пропишаните процедури.

Фавипавир ќе биде достапен во сите приватни и државни болници, додека клиниката „Мајка Тереза“ овој лек веќе го има обезбедено од донации. Директорот на Агенцијата за лекови апелираше и кога ќе пристигне лекот да се издава под строга контрола на лекар, и никако да не биде користен на своја рака. Тој нагласи дека испитувањата кои биле направени покажале дека Фавирата дава добри резултати особено ако се прима на почеток на болеста.

– Се обративме и до Комисијата за заразни болести и добивме извештај за оправданост од лекари и инфектолози и кога се тоа беше комплетирано, во петокот одобривме интервентен увоз на лекот Фавипиравир, рече Шабани.

Фавипавир исто така познат и како Фавира, се употребува во над 30 земји, меѓу кои Јапонија, Кина, Русија, Индија и секаде е во протоколите за лекување. Досега семејствата го набавуваа лекот по свои канали од Косово, Босна и Херцеговина или од Турција и тоа по цена од 100 евра за кутивче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот