Лажни тврдења на социјалните мрежи дека Израелците имаат „домашен лек“ за ковид-19

Profimedia

На социјалните мрежи Твитер и Фејсбук се појавиле лажни тврдења дека Израелците направиле „домашен лек од прашок за печиво и лимон“ кој „спречува смрт од коронавирусот“.

Како што се наведува, тој „лек“ може моментално да го убие и во целост да го елиминира вирусот од телото и дека благодарение на тоа во Израел никој не починал од ковид-19 – што е лага.

Се препорачува мешавината да се пие како топол чај во 17 часот и се додава дека Израелците го пијат секоја ноќ пред спиење.

Објаснувањето на наводниот лек е дека „го алкализира имунолошкиот систем бидејќи кога паѓа ноќта, системот станува ациден и одбраната се намалува“ и дека е „докажано дека тој лек го убива вирусот“.

Тоа го демантиралe лекарите и Светската здравствена организација, која објавила дека „нема лек што покажал дека ја спречува или ја лекува болеста“ и дека препорачува луѓето да не се лекуваат сами.

Покрај тоа, неколку здравствени работници се обратиле до „Франс прес“ тврдејќи дека нема докази дека „лекот“ од социјалните мрежи, од домашна изработка, може да има каков било ефект.

– Нема докази дека кој било дериват од сокот од лимон може да спречи инфекција од ковид-19 – рекол Кристијан Паредес, професор на клиничката фармација на Католичкиот универзитет во Чиле.

Олосмир Кореа од Одделението за фармацевтска наука и технологија на истиот универзитет, тврди дека мешавината не би требало да е опасна, но се согласува дека нема ефект на ковид-19. На социјалните мрежи се тврдело дека благодарение на тој „лек“ пристигнуваат „информации од Израел дека тој вирус не предизвикува смрт“, што е потполна невистина.

Во времето кога „Франс прес“ тоа го објавил, во Израел биле забележани 308 смртни случаи припишани на заразата со коронавирусот, а повеќе од 21.700 се заразени од почетокот на заразата.

Од друга страна, израелските научници и медицински тимови напредувале во истражувањето на коронавирусот. Истражувачите од Универзитетот Бер Илан направиле големи чекори кон развивање вакцина, а истражувачите од Медицинскиот центар Хадаса откриле една од причините за фаталните симптоми на коронавирусот – згрутчување на крвта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот