Лажната докторка во „Ре-медика” дошла во активна фаза на раѓање, бебето е добро и изолирано

Комисијата за превенција на Интрахоспитални инфекции во Ре-Медика на прашање на ,,Слободен печат” до нашата редакција достави детални информации за случајот со родилката што се претставувала како докторка, која била во две родилишта, и на ГАК и во приватната болница.

Пациентката во Ре-медика дошла во понеделникот, на 8 јуни, во активна фаза на раѓање, со болки. Била примена по протокол кој се применува кај сите пациентки кои се водат или примаат за раѓање во Ре-Медика.

– Имено, во склоп на стандардниот протокол, се зема и брис за коронавирус. Без добивање на детали од самата пациентка за претходниот престој на ГАК, по протокол, до добивање на резултатот, пациенката е сместена сама во изолирана соба односно апартман, каде се направени дополнителни медицински испитувања и следење на породилката и плодот, велат од Ре-медика.

За цело време пациентката, која била без никакви респираторни симптоми, носела маска, а персоналот кој бил во медицинската екипа, бил заштитен со средства за комплетна лична заштита по протокол. Поради медицинска индикација, направен бил царски рез во посебно изолирана сала за таа намена, а целата екипа при тоа била комплетно заштитена. Бебето било ставено во изолација веднаш по породувањето, како дел од стандардна продецура на безбедност која се применува во сите случаи кога се очекува резултат од брис од мајката.

– Новороденото дете е добиено во добра кондиција, без директен контакт со мајката, ставено во изолација до добивање на резултатите од мајката, вели претседателката на Комисијата за превенција на интрахоспитални инфекции при ПЗУ Ре-Медика, Прим.д-р Марина Поп-Лазарова која е и специјалист педијатар.

Постоперативно, мајката е повторно сместена во посебна изолирана соба за следење и третман, каде и престојува до добивање на позитивниот наод од брисот, по што била префрлена за понатамошно следење на Клиниката за Инфективни болести.

,,Ре-медика се консултираше со епидемиолошката служба при Центарот за Јавно здравје по протокол и превземени се сите мерки за безбедност, со што болницата останува безбедна за пациентите и своите вработени. Почитувањето на стандардите и пропишаните протоколи за заштита,се секојдневна пракса во болницата, со што се обезбедува сигурност за сите”, велат оттаму.

ХАВАРИЈА Лекарка дошла да се породи на ГАК без да пријави дека свекорот има коронавирус!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот