Лавров: На Борел му кажав дека Брисел е виновен за уништените односи меѓу Русија и ЕУ

Сергеј Лавров / Фото: EPA-EFE/RUSSIAN FOREIGN AFFAIRS MINISTRY HANDOUT -- MANDATORY CREDIT -- HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изјави дека за време на посетата на Москва му рекол на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел дека Брисел е виновен за уништување на односите меѓу Русија и Европската Унија (ЕУ).

Во изјавата пренесена од агенцијата ТАСС, Лавров вели дека за време на разговорот со Борел во Москва, тој зборувал за важноста во градењето на односите меѓу Русија и ЕУ на системска основа.

– Се сетив дека во 2014 година, ЕУ ја уништи архитектурата на сеопфатни односи со нашата земја, која макотрпно се градеше со текот на годините, истакна рускиот министер.

Од друга страна, Борел, на својот блог синоќа ја сумираше посетата на Москва, откривајќи дека разговорите со неговиот домаќин Лавров во одредени моменти биле многу напнати и притоа оцени дека таа средба и некои пораки од руски официјални лица покажале дека Европа и Русија се оддалечуваат.

– Мојата средба со министерот Лавров и пораките испратени од руските власти за време на оваа посета потврдија дека Европа и Русија се оддалечуваат. Се чини, дека Русија постепено се одвојува од Европа и ги гледа демократските вредности како егзистенцијална закана, напиша Борел на блогот, објавен на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Посетата на Москва, на која најави дека ќе разговара за затегнатите односи меѓу ЕУ и Русија, Борел ја оцени како „многу комплицирана”. Тој, исто така, посочи дека во фокус на посетата и на средбата со Лавров биле прашањата за основните човекови права и слободи, особено случајот со рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.

– Од време на време, разговорот со мојот руски колега стануваше доста напнат, затоа што барав итно и безусловно ослободување на Навални, како и целосна и непристрасна истрага за неговиот обид за атентат, напиша Борел.

Односите меѓу Русија и ЕУ, оцени тој, во последните неколку години се наоѓаат на многу ниско ниво и дека дополнително се влошиле по неодамнешните настани поврзани со, како што рече, труењето, апсењето и казнувањето на Навални, како и поврзаните масовни апсења на илјадници на демонстранти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот